Музика

Поради конфликт со локалната власт, Green Beach Festival се сели од Охрид


Пасворд продукцијата која го организира Green Beach Festival најави дека фестивалот дефинитивно се сели од Охрид откако викендов програмата најавена до раните утрински часови мораше да прекине во три часот по полноќ.

„И покрај сите напори да најдеме човечка, законска, професионална комуникација со сите инволвирани административни органи и тела, дојде време да си кажеме ЗБОГУМ ОХРИД!!!

Лични волји, фрустрации и толкувања на непостоечки закони, нѐ принудуваат веќе втора година да се срамиме пред сите вас, посетители и изведувачи, оние кои најмногу ни значат. Забавата на Green Beach Festival ја скратија, но не ја уништија благодарение на сите артисти кои настапија и приредија епско доживување кое ќе се памети уште многу долго“, се вели во соопштението на продукцијата.

Тие најавуваат дека се во потрага по нова локација за фестивалот која ќе ја биде објавена до Нова Година.

„Бараме простор со позитивна енергија, разбирање, место, град, село, планина, нива со волја и желба да посакаат добредојде на 7-10.000 гости. Место за најголемиот фестивал на електронската музика кај нас, без уцени и небулозни ограничувања, со потенцијален камп простор и незагаден партиски воздух. Ако имаме и среќа да налетаме на нормална локална самоуправа, полиција, место без шерифи и каубојци, ќе не биде во најдобро можно светло!“, децидни се од пасворд.

Тие потсетуваат дека од нула издигнале фестивал по светски стандарди кој се одржува веќе осум години и каде настапиле светски музички артисти како Sven Vath, Richie Hawtin, Armin Van Bureen, Paul Van Dyk, Carl Cox, Dubfire, Fedde Le Grand, Black Coffee, Roger Sanchez, Ame, James Zabiela и многу други.

„Во средина каде што надлежните немаат капацитет да направат разлика помеѓу кафе-бар, државен панаѓур и реномиран музички фестивал, помеѓу „певаљка“ и светски музички легенди, помеѓу перверзни шерифски игри и закон, правила, професионалност, ние независно правиме фестивал каков што други земји плаќаат за да им се случи.

И покрај сите предизвици Green Beach се одржува редовно секоја година и со сѐ она што го има зад себе е почитуван и од страна на најголемите имиња во светската електронска сцена, оние кои поради Грин Бич Фестивал секоја година на своите официјални фан-страници со милиони следбеници го промовираат Охрид како дестинација на која неочекувано ја доживуваат единствената енергија која го одбележува овој настан“, додаваат од Пасворд.

Организаторите се извинуваат поради прекинувањето на фестивалот пред ветеното изгрејсонце, и најавуваат дека наскоро над Green Beach ќе светне ново издание во најдобро можно светло.


loading...
Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top