Поплавите во Грција однесоа два животи


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Поројниот дожд што наврна ноќта кон среда, предизвика поплави во областите покрај главниот грчки град Атина, при што две лица загинале, јави електронското издание „Екатимерини“.

Патиштата во населеното место Неа Перамос, што се наоѓа на 27 километри западно од Атина, се претворени во реки од кал, објавија локалните медиуми.

„Практично, целиот град Неа Перамос е под вода. Не знам дали имам видено нешто слично“, изјави градоначалникот Григорис Стамулис за телевизијата Антена, при тоа додавајќи дека во тек е спасувачка операција.

Некои од жителите во ова населено место биле принудени да се качат на покривите на куќите за да се спасат од водената стихија.

Во блискиот град Мандра, една жена и еден постар маж се пронајдени мртви во своите домови.

Спасувачите успеале да извлечат 12 луѓе од автобус на мост.

Во вторник Грција прогласи вонредна состојба на островот Сими заради голема бура, која нанесе штети на повеќе куќи и предизвика прекин во снабдувањето со електрична енергија.