ПОЕЗИЈА ЗА ДУША: „Го сакам твоето писмо“ – Сенгор


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


ГО САКАМ ТВОЕТО ПИСМО

Го сакам твоето писмо, понежно од попладнето во сабота

и одморот, го сакам твојот збор од сина мечта

 

Опојните мириси на мангите ми продираат до тилот,

и како палмино вино во луњава ноќ – женствената арома на гојавите.

Бурите ги дразнат чулата, белата палата се разбранува во своите

темели од вулкански камен,

се оддолжува починката под виолетовата светлина на ’ртот.

Сезоната се огласува над покривите со силни ветрови од југозапад,

распната од виори, измесена од страсти.

 

Гордите ружи, ружите од венецот на Победникот, ја постилаат последната миризба

пред Сињарките на крајот на Балот

овенуваат цветовите на нежната тигреста баухинија,

и тамариндите, со мирис на лимон, ги запалуваат нивните златни ѕвезди.

Од длабина се качува, напаѓајќи ги ноздрите, реата од црни змии –

се востоличува ивернажот.

Во паркот пауните се китат во сезоната за љубов.

Блескаво црвенило над тревниците, прекрасни пурпури, фламбојани,

во сета величественост расцутени црвени и златни големи кани.

 

Ме напаѓаат сите миризби од исконска влажност, од изгниени пленови.

Тоа се венчавки од месо и крв – или, можеби само духовни свадби, кога во моите раце

ќе бидеш, зрело манго и распукана гојава, здив што инспирира!

Здив свеж, огнен…

 

Го сакам твоето сино писмо, понежно од најмалиот син цвет,

и твојата нежност, која ми кажува дека ме љубиш.

Леополд Седар Сенгор

 

Објаснувања:

гојава – тропски сладок мирислив плод

сињарка – доаѓа од португалскиот збор senhora (госпоѓа) кој во минатото ги означувал мулатките од сенегалската буржоазија. Во поезијата на Сенгор зборот се употребува и како лично име на жена (Сињарка) што го инкарнира идеалот на културното вкрстување

баухинија – тропско дрво со цветови што личат на орхидеи

тамаринд – тропско дрво со плод со тврда лушпа што се користи за лекарства, сокови, исхрана

ивернаж – сезона на дождови во западна Африка

фламбоајан – вид багрем со жаркоцрвени цветови