Почина Оскар Гренинг – озлогласениот „книговодител од Аушвиц“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Оскар Гренинг, озлогласено познат како „книговодителот на Аушвиц“, осуден за воени злосторства за време на нацизмот во Германија, умре во 97-та година од животот, пренесоа германските медиуми според информации добиени од неговиот адвокат.

Портпаролот на обвинителството во Хановер изјави за Франс прес дека адвокатот ги информирал за смртта на Гренинг кој во 2015 беше осуден на четири години затвор за „соучесништво“ во смртта на 300.000 Евреи.

Гренинг негираше каква било своја вмешаност во масовните убиства, а тврдеше дека само ги сортирал и проценувал парите и скапоценостите одземени на логорашите, и ги испраќал во Берлин.

Гренинг умре пред да почне да ја издржува казната на која беше осуден. Според Шпигл, тој умрел на 9 март, а веста е објавена вчера.

Поранешниот есесовец и „книговодител“ во концентрациониот логор Аушвиц остана на слобода по изрекувањето на казната поради расправата дали е во состојба да ја лежи.

Врховниот суд во Германија кон крајот на декември минатата година ја отфрли неговата жалба и наведе дека е способен да ја служи казната и покрај староста, како и дека во затворот ќе добие соодветна здравствена нега. Молбата за помилување испратена во јанури поради неговата старост исто така беше одбиена.

Гренинг беше најверојатно единствениот преживеан нацистички злосторник на кого му се судело.

Осудени се помалку од 50 од вкупно 6.500 припадници на СС-силите кои служеле во Аушвиц, пишува Шпигл.