Партиите уште тактизираат со пратеничките листи


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Политичките партии сѐ уште тактизираат и не откриваат кој сѐ ќе се најде на пратеничките листи за предвремените парламентарни избори.

Според неофицијалните информации, повеќето партии ќе го чекаат крајниот рок за доставување на листите со кандидати за пратеници, 11 ноември на полноќ.

СДСМ само најави дека кандидатските листи ќе се објават в недела на партиски конгрес, а од ВМРО-ДПМНЕ велат дека „сѐ уште се работи на тоа“.

„Има уште време, сѐ уште се разгледуваат опциите врз основа на интерните анкети во партијата, се разговара. Но секако, ќе го испочитуваме законскиот рок за доставување на листите“, велат од владејачката партија.

Потоа, во зависност од ситуацијата, ќе се организира некој настан на кој ќе бидат објавени имињата на кандидатите за пратеници.

Во СДСМ, иако се шпекулира со имињата на Стево Пендаровски, Никола Димитров, Оливер Спасовски, Хари Локвенец, Радмила Шекеринска и Зоран Заев, самиот заев рече дека се водат целодневни разговори со коалициските партнери и со граѓаните.

„Ние нашите кандидатски листи ќе ги соопштиме на 6 ноември, в недела, за кога е закажан конгресот на партијата. Во тек се целодневни разговори со коалициските  партнери, но, пред сè, најголемо внимание посветуваме на средбите со граѓаните, кои ќе бидат дел од заедничките листи. Дотогаш не би сакал да изнесувам други детали“, изјави вчера Заев.

Во ВМРО-ДПМНЕ, пак сѐ уште се во игра „старите“ носители кои беа објавени за изборите во јуни, Никола Груевски, Никола Попоски, Илија Димовски, Никола Тодоров, Антонио Милошоски и Влатко Ѓорчев, отаму ја оставаат отворена можноста за рокади.

Од ДУИ, пак, само кусо коментираат дека има време до крајниот рок, но извесно е дека лидерот Али Ахмети ќе ги одмери силите во шестата изборна единица, каде што противкандидат ќе му биде претседателот на ДПА, Мендух Тачи.

ДПА е единствената партија која ги објави носителите на листи. Во првата изборна единица е Идриз Орана, во втората Орхан Ибраими, Сами Рушиди е во тројката, Адриан Хусеини во петтата и Мендух Тачи во шестата.