Овие британски ТВ ѕвезди имаат поголема плата и од британската премиерка


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Водечките водители и телевизиски ѕвезди на Би-Би-Си имаат поголеми плати и заработуваат повеќе од британскиот премиер, покажуваат денеска објавените податоци за заработувачката во оваа јавна медиумска компанија, што мораше да бидат публикувани врз основа на законот за пристап до информациите.

Најдобро платен водител во Би-Би-Си е Крис Еванс, поранешен радио водтел на утринската програма на Радио2 на оваа компанија, сега телевизиска звезда.

Неговата годишна заработувачка изнесува меѓу 2,2 и 2,5 милиони фунти, или безмалку колку 15 плати на актуелниот премиер Тереза Меј.

Најдобро платена водителка и презентер во забавниот дел од програмата, е Клодија Винкелман, која од компанијата годишно добива меѓу 450 и 500 илјади фунти.

Од презентерите во информативната програма, Џорџ Алагаја има годишни примања од 300, а неговата колешка, Мишел Хусеин од околу 250 илјади фунти.

Британската јавност и весниците денеска бурно реагираат на објавените податоци за примањата во оваа јавна компанија.

Весниците блиски до владејачките конзервативци се осврнуваат на „превисокоте плати“ во компанијата, која годишно од претплата и други придонеси од државата се дотира со околу четири милијарди фунти.

Овие медиуми сметаат дека е непримерно дури 100 водители, презентери и новинари да имаат годишна плата над 150 илјади фунти, што е повеќе од платата на премиерот.

Другите весници, меѓутоа, посочуваат на нееднаквоста во наградувањето меѓу мажите и жените во Би-Би-Си.

Во групата од сто најдобро платени, две третини се мажи, кои за иста работа и за иста позиција земаат повеќе од своите колешки. Дури и жените презентери на разни програми кои седат покрај своите колеги, се помалку платени за истата работа, за истиот ангажман.

Лондонски „Дејли Телеграф“ открива дека во компанијата избувнал револт кога се разбрало за ваквите големи разлики. Овој весник го пренесува мислењето на една неименувана ТВ водителка, за која вели дека е позната кај гледачите и која револтирано изјавила дека „компанијата страда од машките интелектуални титани, чие его е големо колку планетите“. Таа рекла дека тие бараат големи плати и секогаш ги добиваат.

Лондонските весници тврдат дека револт постои и меѓу сите вработени, околу големите разлики во платите и примањата, во однос на пониско платените и рангирани новинари и презентери.