Живот

Основците со смартфони на школо – скапи играчки кои влијаат врз нивното внимание на часови


Им требаат ли мобилни телефони на децата во основните училишта? Во ред ли е дете од второ одделение во едната рака да држи ужинка, а со другата да го мавта телефонот? Училиштата се тие што треба да ги постават правилата на игра, но колку се доследни?

На овие и други прашања се обидува да одговори малото истражување на fakulteti.mk низ неколку основни и средни училишта во земјава, но и да направи споредба како оваа проблематика е решена во други земји, а кое подолу ви го пренесуваме во целост.

Телефоните се неопходност на денешницата, но и нивната употреба треба да знае за мера, особено надвор од домот. Во училиштата неретко се случува, посебно кај помалите деца, телефоните лесно да се губат, па се свикуваат родителски за да се најде нечиј телефон… Децата на големите одмори наместо да си поразговараат, да се дружат, се забавуваат со своите телефони, велат родители.

– Во нашето училиште е забрането, но пак секој ден се расправаме. Илјада пати им е кажано да не носат телефони, а тие пак носат. Јас прашав кој навистина има потреба, имаше само едно дете со попреченост и тоа потпиша изјава, а другите немаа потреба, но сепак носат и одвреме-навреме изиграваме детективи, проверуваме, ќе послушаат неколку дена и после пак истата приказна – вели наставничка по математика од прилепско основно училиште. Професорот по историја Слободан Трајковски, вели:

– Јас не сум од оние наставници што билдаат фиктивен авторитет преку телефоните и правење драми. Моите предавања се многу динамични и интересни, така што децата немаат време глава да кренат, а не пак на телефон да седат. А оние колеги што се занимаваат со телефоните на децата, нека си ги чукнат главите зошто се толку досадни, што децата им седат на телефон за време на часовите.

Ниту во училиштето „Св. Кирил и Методиј“ телефоните не се дозволени за време на наставата. Понекогаш им се дозволува употреба доколку има врска со наставата, но кога имаат тестови или слично, му ги даваат на наставникот. Ученици во скопските гимназии велат дека телефоните им се дозволени, дека понекогаш и ѕвонат, ама на тоа не се обрнува многу внимание. Доколку се претера, може да им се одземат, велат тие. Се распрашавме како употребата на мобилните телефони е решена во некои земји. Во Англија, на пример, до шесто одделение воопшто не носат телефони.

– Во основно училиште од прво до шесто одделение не се носат телефони во училиште воопшто, а во шесто може да почнат да ги носат, но кога влегуваат во школото, мора да им ги дадат на вработените и можат да си ги земат на крајот на денот. Таквата практика е за контакт со родителите на оние деца што доаѓаат и си одат од школо сами – вели мајка на две деца.

Професорка од Хрватска ни објасни дека мобилните телефони не смеат да се користат за време на часовите, освен доколку професор тоа не го дозволи, односно доколку тоа не е во прилог на наставата. Во 2013 година, Министерството за образование на Хрватска донесе правилник со кој телефоните треба да бидат исклучени за време на часовите. Една од причините зошто мобилните се сметаат за „штетни“ е и фактот дека со нив може лесно да се препишува, повикуваа професори во Хрватска.

– Работам во гимназија, но сум работела и во основни и стручни школи. Мобилните телефони не смеат да се користат за време на часовите, освен доколку професор не го дозволи тоа, доколку е во прилог на наставата. Јас лично често знам да им кажам да ги вклучат телефоните за време на час, зашто на учениците им е поинтересно, но тоа е меч со две острици зашто тогаш сурфаат и го саботираат часот. За време на писмените испити и задачи ги замолувам мобилните да ги остават на мојата маса – вели професорка од Хрватска.

Во Србија од оваа учебна година во едно училиште е забранета употребата на мобилни, како превентивна мерка. Одлуката ја донел директорот откако се појавиле големи проблеми со употреба на мобилните за сликање на други ученици и ставање непримерни фотографии на социјалните мрежи. Учениците можат да ги користат само за време на одморот, за повици и пораки. За време на часовите мора да бидат исклучени, а доколку некој ученик го користи, ќе добие опомена во дневникот. Апаратот ќе се проследи кај директорот и останува таму дури не дојде родителот, пишува blic.rs. Во училиштето е строго забрането користењето на социјалните мрежи преку телефон или компјутер, а доколку некој не го почитува тоа, ќе се покрене воспитно-дисциплинска мерка.

Како и за многу работи, Данска и за ова се издвојува. Професорка по германски јазик во приватно училиште во Копенхаген ни објасни детаљно како е решено ова прашање.

– Со телефоните е малку чудно. Не постојат некакви насоки од владата или од министерството за образование. Некои училишта си создадоа сопствена политика за телефоните, а има и такви што немаат некои правила и оставаат професорите да одлучат индивидуално на секој час. Во моето училиште, кое е приватно, со деца до второ одделение, не им е дозволено да носат телефони. Од трето до петто одделение им е дозволено да носат телефони во училиште, но да ги користат за да се јават дома, доколку се случило нешто важно или доколку наставникот планира нешто (што е многу ретко). Понекогаш децата ги користат за време на одморите, но доколку почнат во училницата или помеѓу пријателите, телефоните завршуваат во чантите. Во шесто одделение ги имаат истите правила како од трето до петто, но наставниците ги користат за образовни цели – како, на пример, да користат речник наместо да отвораат книги или компјутери. Од 7. до 10. одделение правилата ги формираат децата, во согласност со професорите. Во 8. до 9., ние (децата и учителите) се согласуваме дека телефоните треба да бидат собрани во кутија на почетокот на секој час, и доколку им затребаат, можат да замолат и да ги добијат. Од седмо до десетто одделение треба да носат компјутери во училиштето и тогаш ги користат за едукативни работи (и користат социјални медиуми, кога ние не ги гледаме). Знаеме дека ги користат компјутерите за „лоши работи“, но ги учиме за последиците од тоа (дека тоа е нивен избор, но им зборуваме за нивниот внатрешен морал).



Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!

Copyright © 2017 Лав Медиа Груп

To Top
Connect!