Од УНЕСКО бараат да се стопираат проектите за изградба на ски центар и пат на Галичица


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


После последниот престој на посебната експертска група на УНЕСКО во Охрид, во најновиот извештај на асоцијацијата за образование, наука и култура на светската организација, искажано е незадоволство од  степенот на зачуваност на Охрид и езерото, прогласени за подрачја со значење на  светски наследства.

Како што и се очекуваше УНЕСКО главната причина за можната деградација ги  наведува предвидените инфраструктурни проекти, при што ја користи формулацијата дека ситуацијата е поранлива.

УНЕСКО бара од македонските власти да ги разгледаат опциите за екотуризам, а плановите за Ски центар и експресен пат да ги стопираат веднаш и напуштат засекогаш. Мисијата, која ја посети Република Македонија, изразила загриженост за притисокот од зголемениот сообраќај, туризам и несоодветните инфраструктурни проекти, како развојот ски-центарот Галичица и експресниот пат кој е планиран да поминува низ таа територија.

Овој притисок може да ги уназади клучните атрибути од природна и културна вредност на местото, ако не бидат преземени итни мерки. Дополнително, несоодветниот третман на отпадните води и цврстиот отпад може да предизвика еутрофикација и загадување, намалувајќи го олиготрофниот квалитет на водата во езерото, од кој зависи исклучителниот биодиверзитет, стои во извештајот.

Авторите на извештајот  бараат Комисијата на УНЕСКО, од македонските власти да побара прекин на градежните проекти на ски центарот Галичица, како и делниците (а) и (е) на А3 експресниот пат.

УНЕСКО и дава на Македонија две години да ги исполни новите обврски наведени во извештајот, како и оние од 2016, кои се уште не се исполнети од властите.

Александра Бујароска од еколошкото граѓанско здружение Фронт 21/42 вели дека повеќе од три години се борат против одлуката за промена на зоните на заштита во Националниот парк Галичица. Таа се надева дека Уставниот суд ќе ги укине одлуките, по иницијативата која ја доставиле уште во февруари во која укажуваат на незаконитости во одлуката.

Нема веќе никакво сомневање дека таканаречените развојни проекти ќе донесат уништување на вредностите на Охридскиот регион, поради кои е прогласен за УНЕСКО подрачје. Ова е вистинско време за целосно напуштање на сите деструктивни планови и одбирање на сосема поинаков пат за развој на нашето најголемо природно богатство, смета Бујароска.

Од Фронт 21/42 бараат од Европската банка за обнова и развој, МЕПСО и сите останати потенцијални инвеститори да ги пренасочат средствата кон проекти за екотуризам и на заштита, наместо деградација на Галичица.

Од Фронт 21/42 велат дека доколку овие обврски не се реализираат, пораката е јасна, во 2019 ќе бидат исполнети критериумите за ставање на Охрид на листата на Светско наследство во опасност.

Народот вели секое лошо за некое добро, ова е моментот кога досегашните грешки може да станат научени лекции кои ќе ни донесат видлив напредок и во заштитата на нашето најголемо природно богатство, но и во развојот на туризмот и економските придобивки, особено за локалното население, смета Искра Стојковска од здружението.

Според Фронт 21/42, новата Влада и состав на Собранието треба формално да ги стопираат деструктивните планови, а веднаш потоа да обезбедат спроведување на Законот за управување со Охридскиот регион и изготвување и спроведување на Планот за управување со регионот, кој го налага овој закон. Планот, со соодветна оцена на влијанието врз животната средина, го бара и УНЕСКО во последниот извештај.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, во изјава за медиумите, рече дека се уште не  го видел извештајот и не може да коментира.

Ние сме свесни за сите ризици кои можат да настанат при изведување на секој еден проект. Тоа се проекти кои се од државно значење, не се проекти кои влегле во програмата на локалната самооуправа, но секогаш ќе се најдат коментари кои одат во прилог или против изградбата.  На сите професионални конференции и советувања кои ги организираат градовите кои се под заштита на УНЕСКО секогаш имаме и општа дебата, дека прогресот на една заедница како што е Охрид, зависи од балансот меѓу потребите на граѓаните за развој на заедницата и она што значи зачувување на природата и културното наследство. Ние не можеме ниту само во една насока да се движиме, ниту пак само во друга. Секогаш прогресот на општеството е дефиниран од балансот на двете работи-потребите за развој на градот и подобрување на квалитетот на живот и животниот стандард на луѓето и зачувувањето на природното и културното наследство. Потеребите на граѓаните не зависат секогаш од насоките кои ние ги добиваме во делот на заштитата на културното и природното наследство, рече Бакрачески.

Макфакс