Култура

Од македонската поетска ризница: Ацо Шопов – „Ветрот носи убаво време“


Ветрот носи убаво време

Ветрот носи убаво време.
Вилнее, јачи во нас.
Ветрот носи убаво време.

Убавото е убаво и поминува.
Останува тагата.
Понекогаш она нè обзема полека,
легнува на нашите очи,
и густо напластена
погледот ни го смрачува.
Тогаш нешто страшно тегобно и болно,
нешто големо и наше, непојмливо за другите
нè измачува.

Но некогаш тагата нè докоснува како трепетлика,
како измаглина над жуберлива река
крај која стоиме загледани бесцелно и немо.
Тогаш сите предмети прилегаат на сказна
па велиме: невозможно, колку е сè убаво.

Ветрот вилнее и јачи.
Ветрот носи убаво време.

Поетска творба од истоимената збирка на Шопов, „Ветрот носи убаво време“ (1957), првпат објавена во Современост, VII, 8, 1957.

Аудио записот е од емисијата „Играј со мене“, 28.4.2012, Македонско радио, Радио Скопје. Чита: Софија Гогова Врчаковска



Click to comment

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!

Copyright © 2017 Лав Медиа Груп

To Top
Connect!