СКАНДАЛ: Од ДИК им намалувале дневници на ’теренците’ за да си делат бонуси – за 18 месеци зеле 30 плати


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Членовите на Државната изборна комисија им ги намалиле дневниците на „теренците“ на денот на изборите за да можат да си дадат бонус-плата за себе. За 18 месеци си доделиле неверојатни 30 плати.

Под притисок на јавноста, откако американскиот амбасадор Џес Бејли ја актуелизираше оваа афера, ДИК вчера свика вонредна седница, на која беше одлучено секој од членовите индивидуално да донесе одлука што ќе прави со земените средства.

Во меѓувреме, „Независен весник“ дојде до нови сознанија за однесувањето на членовите на ДИК, кои би требало да бидат еден од столбовите на демократијата и важен чинител против коруптивното однесување во општество, пренесува Независен.

„Информацијата што ја слушавме и прочитавме во медиумите дека водството си поделило дополнителна плата за неколкуте месеци работа за локалните избори во октомври ни ја прели чашата. Тоа е дрска и безобразна одлука, затоа што со месеци нѐ лажеа и нѐ убедуваа дека нема пари, па морало да се затегне ременот“, велат вработени во ДИК, кои служат за техничка поддршка во реализацијата на секои избори.


Државната изборна комисија со еден месец задоцнување вчера ги објави одлуките за исплатата на бонуси донесени на затворени седници. Членовите на ДИК вчера ги задолжија службите во Комисијата оваа одлука да ја објават на веб страната откако информацијата за бонусите предизвика жестоки реакции кај јавноста.

Според Одлуката за исплата на надоместоците за спроведувањето на последните локални избори и Правилникот за определување на надоместоци, донесена на затворена седница на 16 ноември, членовите на ДИК си изгласале бонуси во висина од четири и две дополнителни плати.

Четири дополнителни нето исплатени плати добиле претседателот на ДИК Александар Чичаковски, заменик претседателот Реџеп Прекопуца, како и членовите на комисијата Атана Урумов, Виолета Дума, Игор Милев, Сабхи Јакупи, Сашо Срцев и Силвана Бонева.

Бедредин Ибраими, предложен од ДПА, и Асани Салија која седна на неговото место предложена од БЕСА, добиле дополнителни две нето исплатени плати во последниот месец.

За закажаните, а неодржани избори во април минатата година, членовите на ДИК си поделиле три плати. Пет плати бонус, пак, зеле за предвремените парламентарни избори.