Филм / ТВ

Од 10 до 19 ноември јубилејно 15-то издание на CINEDAYS – еве ја комплетната програма


Во периодот од 10 до 19 ноември 2016 година, во организација на Младинскиот културен центар ќе се одржи петнаесеттото, јубилејно издание на МЕЃУНАРОДНИОТ ФЕСТИВАЛ НА ЕВРОПСКИ ФИЛМ – CINEDAYS, кој и оваа година како и сите претходни,  ќе се обиде да го задоволи истенчениот вкус на својата многубројна и верна публика… Го чекаат цела година, го снемува за десет дена… Гладни за „здрави“ филмови.

„CINEDAYS No. 15 понира во добата на работ од преминот од „нормалната патологија“ во „патолошка нормалност“, а дребноста ми, и потаму не сопира да се фасцинира од севселенскиот успех на феноменот „реални шоуа“, „талент емисии“ и „познати“, единствено ете, поради фактот што се „познати“.

Што е поразлично?

По повеќе од век, век и половина, кога на „напредниот демократски Запад“ се продавале влезници за влез во установи за згрижување на ментално пореметени индивидуи со цел„“народот да се забавува“ гледајќи „лудаци“ како и „претставите“ на кои од најразлични краишта на планетава се прикажувале индивидуи со сериозни физички недостатоци „луѓе-фрикови“ – денес, што е поразлично во денешните „претстави?“
Елајте на CINEDAYS, откажете им на вашите ФБ, ТВ, и ДА, наместо в меана, и/или „кафанче“ како милувате да го крстите, не бидете „ин“, „кул“, „тренди“…, бидете поразлични, бидете бар десетина дни… не тревожете се, бидете спокојни, нема кој да ве поткаже и оддаде оти на CINEDAYS сите до еден се неактуелни и немаат никакви врски и познанства со „кафанските шизици и шизики“! – вели Златко Стевковски, директор на МКЦ.

Годинешниот CINEDAYS нуди филмови што „гравитираат“ во неколку програмски целини: Официјална селекција, CineBalkan, Гала програма, Музички документарци, LGBT филмови, МК-Кратки филмови, МК во ЕУ, Студентска програма, 101 година од раѓање на Орсон Велс, Детска програма и богата придружна програма од работилници и музички настани.

ГАЛА програмата и оваа година изобилува со врвни режисерски имиња и наградувани филмови на фестивалите во Кан, Сан Себастијан, Венеција, Берлин, Ротердам… Од вкупно 25 филмови во ГАЛА програматa ги издвојуваме: АВЕ, ЦЕЗАР! – Режија: Coen Brothers,   КАФЕ- ДРУШТВО – Режија: Woody Allen, ПАТУВАЊЕ НА ВРЕМЕТО: ЖИВОТНО ПАТУВАЊЕ – Режија: Terrence Malick , УБАВИТЕ ДЕНОВИ ВО АРАНХУЕЗ – Режија: Wim Wenders, МАТУРА – Режија: Cristian Mungiu,   PATERSON – Режија: Jim Jarmusch, КОМУНА – Режија: Thomas Vinterberg, ЈАС, ДАНИЕЛ БЛЕЈК – Режија: Ken Loach, СОЛ И ОГАН – Режија: Werner Herzog.

ОФИЦИЈАЛНАТА СЕЛЕКЦИЈА и програмата CINEBALKAN, традиционално ги препуштаме на изборот на Бернд Будер, кој и оваа година понуди извонредна селекција на филмови. По завршувањето на филмските проекции од овие две програмски целини, ќе следат Q&A сесии  на кои публиката ќе има можност да разговара со режисери, продуценти, директори на фотографија, актери, кои ќе бидат гости – на наша огромна чест – на овогодишното издание на фестивалот CINEDAYS.

Во рамките на ОФИЦИЈАЛНАТА СЕЛЕКЦИЈА ќе може да се погледнат филмовите:
•        Жив песок – Режија: Renars Vimba
•        Галопирачки ум – Режија: Wim Vandekeybus
•        Куќа без покрив – Режија: Soleen Yusef
•        Влажност – Режија: Nikola Ljuca
•        Убијци на тркала – Режија: Attila Till
•        Птичка – Режија: Vladimir Bek
•        Кривина  – Режија:  Rifqi Assaf
•        Тони Ердман – Режија: Maren Ade

Во рамките на програмата CINEBALKAN се селектирани следните филмови:
•        Добра сопруга – Режија: Mirjana Karanovic
•        Сите градови на Северот – Режија: Dane Komljen
•        Жалејка – Режија: Eliza Petkova
•        Игла под прагот – Режија: Ivan Marinovic
•        Лошиот мачор – Режија:  Mehmet Kurtulus
•        Не ми зјапај во чинијата – Режија: Hana Jusic

Поради исклучително богатата програма од МУЗИЧКИ ДОКУМЕНТАРНИ ФИЛМОВИ и КОНЦЕРТИ, оваа година целата програма со музички карактер ја „спакувавме“ во посебна програмска целина со наслов: CinEmusic. Филмската селекција ја сочинуваат девет филмови, кои ќе ги задоволат и најпрефинетите вкусови на филмските, но и музичките сладокусци:
•        Miles Ahead – режија: Don Cheadle
•        The Beatles: Eight Days a Week – The Touring Years – режија: Ron Howard
•        Contemporary Color – режија: Bill Ross IV, Turner Ross
•        Gimme Danger – режија: Jim Jarmusch
•        Blur: New World Towers – режија: Sam Wrench
•        Congo beat the drum – режија: Ariel Tagar
•        Limunovo drvo – режија: Branko Radaković
•        Industrial Soundtrack for the Urban Decay – режија: Travis Collins, Amélie Ravalec
•        A Fat Wreck – режија: Shaun Colon

Како дел од програмата CinEmusic, секоја вечер по завршувањето на филмските проекции ќе организираме придружна музичка програма од концерти и DJ-сетови. На програмата ќе бидат: Оливер Белопета, Mnemonic 45 & Obohtal, Anthony Rother, Давид Ангелески – Пиколомини, Russian Circles и Helen Money, Еми Ермилова, Новиот Почеток, Jherek Bischoff, Кантон 6 и Wrangler.

За затворање на фестивалот ЕКСКЛУЗИВЕН настап ќе има музичкото дуо WOODEN WISDOM во кое членува и холивудската супер ѕвезда ELIJAH WOOD.

Во соработка со Шведската амбасада во Скопје – воедно и во активистичкиот дух на фестивалот  – ќе реализираме и филмска програма со LGBT тематика, преку чии содржини ќе се обидеме да отвориме дебата (со гостите активисти/режисери од Шведска и европскиот регион)  за проблемите со кои се соочуваат овие општествено маргинализирани групи.

ПРИДРУЖНАТА ПРОГРАМА, оваа година на CINEDAYS ќе содржи:
• НАГРАДА ЗА НАЈДОБРА ФИЛМСКА КРИТИКА, со која ќе ги охрабриме студентите по новинарство, студентите по филм, и воопшто, сите критички настроени филмски ентузијасти да напишат рецензии за филмовите што ги проследиле на фестивалот, за што ќе следува и награда доделена од специјално жири.
• РАБОТИЛНИЦАТА ЗА ПРОДУКЦИСКИ ДИЗАЈН; За време на трите дена во Скопје, Сара Холдрен и Лора Бишоп ќе ги опфатат најосновните и неопходни елементи потребни за да се започне да се работи во професионален сектор за продукциски дизајн.

Ќе дадат важен увид во тоа како се организира продукцискиот дизајн и каков е соодносот до другите сектори во филмската и телевизиската продукција. Разгледувајќи вистински сценарија, со учесниците ќе дискутираат како да направат план за распоред на потребите на сетот и потоа ќе ги запознаат со процесот на распоредување средства за буџетирање. Ќе им покажат примери на буџети и ќе разговараат како да изработат табеларни пресметки, кои продукцијата очекува да бидат изработени од страна на уметничкиот сектор.

• Раѓањето на големиот филмски маг ОРСОН ВЕЛС (1915 г.) е само по себе доволен јубилеј за одбележување на 101 година создавање  (100 години за филмскиот гениј каков што е самиот тој би биле премногу „типични“). Кога се работи за одбележување на еден ваков врвен интелектуалец, режисер, актер, писател, магионичар, либерал, сликар и поет, дури и со кратко навраќање на само дел од неговото креативно богатство можеме да видиме многу. Реализацијата на оваа програма се одвива во потесна соработка со Американската Амбасада во Македонија, со чија помош се надеваме дека ќе успееме да донесеме филмски експерти и критичари, кои би зборувале за животот и делото на оваа филмска легенда, сѐ со цел да го доближиме неговото универзално уметничко значење до македонската публика.
• Работилница на Агенција за филм, Oдбрани алатки за драматургија, Арне Колвајер.
– Презентација на потпрограмата МЕДИА на Креативна Европа.
– Мастерклас на Арне Колвајер: „Oдбрани алатки за драматургија: Градење на внатрешниот живот на ликот”, во соработка со Мидпоинт, Агенција за филм на РМ и Канцеларијата на Креативна Европа за потпрограмата МЕДИА. Откривањето на сложените внатрешни емоции на ликот е една од најтешките задачи со кои се соочува еден филмски работник. Арне Колвајер зборува за потребата надворешно да се изрази внатрешното уште во фазата на пишување на сценариото и дава примери како да се искористат дејства и слики наместо дијалози за да се прикаже што се случува внатре во еден лик.

Оваа година цената на билет за проекциите во Кино Милениум ќе биде 150 денари, со исклучок на филмот на Вуди Ален „Кафе – Друштво“, за кој билетот ќе чини 300 денари. За проекциите во Кино Фросина билетот ќе чини 100 денари, а филомовите од програмата во Џебно кино, Ревија Орсон Велс, Ревија ЛГБТ и Детска програма, ќе бидат бесплатни. И годинава средношколците и студентите ќе имаат попуст од 50 денари за секој купен билет.

Коментари

Click to comment

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top