ОБСЕ ја започна мониторинг мисијата за претстојните предвремени избори


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Во мисијата на ОБСЕ ќе бидат вклучени 20 долгорочни и 300 краткорочни набљудувачи. Организацијата ќе врши и мониторинг на известувањето на медиумите, а конечниот извештај ќе го објави на почетоткот на следната година.

ОБСЕ/ОДИХР ја започна набљудувачката мисија за предвремените парламентарни избори на 11 декември. На покана на Владата денеска е отворена канцеларијата на ОБСЕ во Скопје, составена од тим од 14 експерти, коишто остварија средби со претставници на Министерството за надворешни работи и на Државната изборна комисија.

Од ОБСЕ најавија дека освен со државните органи и локалната самоуправа, во следниот период експертите ќе се среќаваат со кандидатите од политичките партии, со претставници на невладините организации и на медиумите.

Да ве потсетам дека нашиот мандат е оцена на изборите и на текот на кампањата согласно со обврските превземени од членството во ОБСЕ и од други меѓународни стандарди и согласно националното законодавство, рече шефицата на Мисијата на ОБСЕ, Тана де Зулуета.

Следната седмица на организацијата ќе и се приклучат 20 долгорочни набљудувачи од земјите членки на ОБСЕ, кои исто така ќе остварат средби со учесниците во изборниот процес, дополнително ќе бидат испратени и 300 краткорочни набљудувачи за изборите.

Тана де Зулуета истакна дека на денот на изборите ќе им се придружат и претставници на Парламентарното собрание на ОБСЕ и на Советот на Европа.

Организацијата ќе го набљудува и пребројувањето на гласовите и сумирањето на изборите.

„Нашата прелиминарна изјава ќе ја презентираме на денот по изборите на 12 декември. Нашето набљудување ќе го опфати и медиумското известување, а конечниот извештај ќе го објавиме следната година во Скопје, бидејќи е потребен период од осум седмици за да биде подготвен“, рече де Зулуета.

На новинарски прашања, Тана де Зулуета истакна дека бројката од 300 набљудувачи е висока и оти ќе биде доволна за распределбата на набљудувањето на изборите. Во однос на прашањето за можните злоупотреби во изборниот процес, де Зулуета посочи дека ОБСЕ се само неутрални посматрачи и дека ќе забележат доколку се јават некои сериозни прашања, како доведување во прашање на безбедноста на гласачите или на членовите на избирачките органи, но дека обврска на Владата е да ја обезбеди сигурноста на сите кои се вклучени во избирачкиот процес.