Музика

„Невен“ – сосема нов звук за нов спот на етно составот „Баклава“


По музика на Елена Христова (истовремено и вокал) и текст на Дејан Сибиновски-Сибо, со Дејан Стојковски, Драган Стојковски, Гоце Наумов, Јордан Костов и Амон Мра како музичка екипа, овој состав со песната „Невен“ понуди сосема нов, модерен звук кој „од прва“ ги освојува увото и настројбата на слушателите. Фотографијата е на Наце Попов.

„Нешто што сакав да ви раскажам, пред утрешното објавување на нашата нова песна и спот „Невен“…
Прво Елена ја создаде музиката, за која мене ми припадна честа да напишам текст. На таа весела, џез мелодија забележав една тажна нишка. Гледав низ нејзиниот израз. Каде зборот е секогаш пресиромашен, па затоа и веројатно и создава музика. На моја среќа… Гледајќи низ нејзината вечно млада енергија, пак ме замисли на моето стареење… И решив да ја обојам со збор во жарка боја. Сончева, портокалова, жолта, невен… Бидејќи ние не старееме, и не треба да размислуваме за староста како извесна фаза во нашата смртност. И така излезе и силната порака до вас: невен не венее.
Благодарејќи на маестралната изведба на сите музичари што учествуваа, невенот расцвета. И се надевам, убаво ќе ви замириса.
Ред дојде на спотот. Имав желба, уште пред доста години, да го направам првиот музички спот базирано на синемаграф. Потоа почнав да размислувам за дејствието… Цвеќенца наместо фустани… И тогаш сфатив, дека не знам каде ќе се снима. И го прашав мојот врвен естета и архитект, Елена. Таа кажа фантастичен предлог, кој просто се залепи за пораката на песната: нашето детство, во нашиот град. И објектите покрај кои пораснавме. Градот, покрај својата душа, има и свои ѕидови. А тие ѕидови ги исцртаа големи имиња од разни земји, и со тоа, нас ни влијаеше денес вака да размислуваме и твориме. Бруталистичката и модернистичката архитектура го одбележаа нашето детство и уште пркоси на времето. Тие остри линии и фантастични приказни што се кријат зад делата на архитектите Константинов,Танге, Поповски, Биро 77, Варшавските тигри… Или попознати како делата старо МНТ, главна пошта, музеј на современа, мост Гоце Делчев, ГТЦ… За естетиката самите проценете. Нас ни беше драго, некако да им се заблагодариме. И на сите што учествуваа или помагаа на оваа песна или спот. И секако и на вас. Што ни ја сакате музиката“, со голема доза на интимна нота порачаа на официјалниот Фејсбук профил од групата ден пред објавувањето на спотот.

Коментари

Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top