Не јаз, туку океан на нееднаквоста: 42-ца најбогати имаат пари колку 3,7 милијарди сиромашни


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Она што во светски рамки се случува на поле на економијата и поседот на богатство, кој систематски е прикажан како јаз помеѓу богатите и сиромашните, дава сè пофрапантни состојби и подвоеност помеѓу „една рака мултимилијардери“ и сите милијарди луѓе на планетава кои можат само да сонуваат за пристоен и нормален живот и економска стабилност.

Развојната хуманитарна организација Оксфам повикува на акција за да се спречи растечкиот јаз меѓу богатите и сиромашните, откако го објавија нивниот нов извештај кој покажува дека 42 најбогати луѓе располагаат со богатство колку и 3,7 милијарди најсиромашни луѓе, кои ја сочинуваат половина од светската популација.

Објавувањето на извештајот се совпаѓа со собирот на дел од најбогатите луѓе на Земјата на Светскиот економски форум во Давос. Од Оксфам соопштуваат дека милијардери се создавани со рекордно темпо, еден на секој два дена изминатава година, во време кога посиромашната половина од светската популација немала зголемување на богатството. Се додава и дека 82% од целото создадено богатство во 2017 година отишло кај најбогатите 1%.

Хуманитарната организација вели дека е „неприфатливо и неодржливо“ за толку мало малцинство да акумулира толку големо богатство, додека стотици милиони луѓе преживуваат на социјални примања. Од таму ги повикуваат светските лидери да ја заменат реториката за нееднаквоста кон политики кои ќе го спречат даночното затајување и ќе ги подигнат платите на работниците.

„Концентрацијата на екстремно богатство на врвот не е знак на силна економија, туку симптом на систем кој не функционира за милиони луѓе кои напорно работат на најниски плати и кои ни ја изработуваат нашата облека и ни ја одгледуваат нашата храна“, вели извршниот директор на Оксфам, Марк Голдринг.

Главната причина за растот на богатството изминатата година беше во растот на светските берзи. Богатството на основачот на Амазон, Џеф Безос, порасна за 6 милијарди долари во првите 10 дена од 2017 година, како последица на растот на акциите, што го направи најбогат човек во светот.

Бројките кои ги објави Оксфам се засноваат на калкулациите на банката „Кредит Суис“. Според нив, 42 луѓе располагаат со идентично богатство како најсиромашните 3,7 милијарди или половина од светското население. За споредба, минатата година 61 човек располагале со богатство колку половина од човештвото, додека во 2009 година тоа биле 380 најбогати луѓе.

„За работите да се движат по вистински правец кон намалување на сиромаштијата, ние мораме да се осигураме дека обичните работници заработуваат плати доволни за живот и да инсистираме на солидни услови, како и против дискриминацијата на жените. Доколку тоа значи помалку за оние кои се богати во моментов, тогаш треба да ја платиме таа цена – и тие би требале да се сложат со тоа“, додава Голдринг.

Според бројките од анкетата на Оксфам, направена врз 70.000 испитаници од 10 држави, поддршка за акција кон намалување на нееднаквоста дале скоро две третини од луѓето.