НБРМ проектира економски раст од 2,5 насто за оваа година


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Неинвестирањето на фирмите поради политичката криза, ги намали очекувањата на Народната банка за економски раст оваа година. Наместо бруто инвестициите на фирмите да пораснат за 4 насто, тие ќе завршат под нулата и ќе изнесуваат минус 1,3 отсто. Поради ова, годинава економијата наместо првично планираните 3,5 ќе порасне само 2,5 отсто. За да се реалзиара и оваа проекција, ќе треба да расте извозот и личната потрошувачка на граѓаните.

Ако пред десет години повеќе од 60 проценти од извозот отпаѓаше на текстил и метали, сега нивното учество во вкупниот извоз е околу 30 проценти, додека имаме голем пораст на учеството во вкупниот извоз на машините, транспортните уреди и хемиските производи, кои веќе достигнуваат 50 проценти од вкупниот извоз, вели гувернерот Богов.

Гувернерот Димитар Богов смета дека актуелнава политичка состојба се` уште не гарантира доволна стабилност за да го поттикне растот на економијата.

Ние сме веќе на половина од годината и политичката нестабилност беше присутна во овој период. Во наредниот период можно е да видиме постепено намалување на политичката нестабилност, но се` уште тоа е доста неизвесно. Претходните две години имавме политичка Влада, но немавме политичка стабилност. Нас ни треба политичка стабилност и намалување на неизвесноста, додава Богов.

Нискиот раст на економијата ќе предизвика проблеми за новата Влада. Ќе го сведе на минимум просторот за нови задолжувања. Според проекцијата на Finance Think при вакво ниво на раст јавниот долг не би смеел да надмине 51 отсто од БДП, што е околу три отсто повеќе од степенот на задолженост на крајот од 2016 година.