Екстра

Најголемите мистерии на древниот свет: Ако се разрешат, ќе сменат сѐ што знаеме за историјата


Ако сакате да внесете немир меѓу археолозите и историчарите, само прашајте ги за конечно објаснување на овие пет древни мистерии.

Како древни мистерии често се истакнуваат Стоунхенџ и египетските пирамиди. Но, иако кријат некои тајни и не се одговорени сите прашања поврзани со нив, овие два најпознати споменици на древниот свет главно се решена мистерија.

Кога се во прашање пирамидите, на пример, постојат записи за тоа колку пиво и леб добивале работниците кои работеле на истите. Затоа, таму нема премногу оставено на фантазијата. Кога станува за вистински древни мистерии, постојат такви кои, ако се разрешат, ќе го сменат сето наше знаење за минатото. Еве пет такви.

Храмот кој не би смеел да постои

Гобекли Тепе во Турција е археолошки локалитет на планински превој кој е сочинет од 200 столбови, високи отприлика три метра и тешки 20 тона, наместени во околу 20 круга. Многу од столбовите имаат изгравирани грабливи животни.

Ништо од ова не би било изненадување да беа овие монументални споменици подигнати во периодот на пирамидите или Стоунхенџ. Но, Гобекли Тепе е изграден пред 12.000 години.

Постоењето на ова наоѓалиште целосно ги збунува сите конвенционални гледишта на цивилизацискиот развој. Според сето она кое го знаеме, во тоа време луѓето само што почнале да ги градат првите постојани живеалишта. Идејата за споменици, и тоа монументални, кои би ги изградила ловечко-собирачка заедница која само што излегла од леденото доба, е невидена. Пред откривањето на овој локалитет, научниците веруваа дека луѓето во тој период немале комплексен систем на симболи, општествена хиерархиха и поделба на трудот – трите важни фактори за изградба на 89-метарски масивен храм.

Официјално, организираната религија е последица на населена заедница, односно се појавува дури откако човекот почнал трајно да населува места и да создава такви општествени односи. Меѓутоа, наоѓањето на Гобели Тепе сугерира дека периодот на градење храмови е многу постар и дека е можеби обратна ситуацијата – дека прво настанала централната религија, која потоа ги организирала луѓето во изградба на монументални споменици во близина на постојаните извори на храна, па дури потоа постепено почнале да се занимаваат со земјоделие.

Во секој случај, ова археолошко наоѓалиште отвора многу повеќе прашања отколку што нуди одговори. Како номадскиот човек од младото камено доба, во период кога Земјата само што излегла од ледено доба, успеал да организира работна сила за изградба на онакви градби? Зошто е изградено? Зошто е постаро од многу други слични градби и структури и тоа илјадници години?

Писмо кое знаеме да го читаме, но не го разбираме

Мала цивилизација која живеела на територијата на денешна Тоскана ги измислила аквадуктите, урбанизмот, канализацијата, мостовите и металургијата – поточно, сето она кое неправедно му се припишува како иновација на стар Рим.

Етрурците биле една од најважните и највлијателни цивилизации во антиката, но нивните тајни не можеме да ги откриеме бидејќи никој никогаш досега не успеал да го преведе и протолкува нивното писмо.

Иако постојат изобилство документи на нивниот јазик, ниту еден од нив никогаш не е преведен од ниту една друга цивилизација. Најобемниот пишан документ од оваа цивилизација, Liber Linteus, се чува во археолошкиот музеј во Загреб. Содржи околу 230 ретки текстови и 1.200 збора. Најверојатно станува збор за ритуален календар.

Нивното писмо е настанато од варијанта на грчката азбука, за исти гласови се користени различни букви (на пример К и С за /к/), што подоцна го презеле и други јазици како латинскиот. Етрурците пишувале главно од десно на лево. Многу од нивните зборови јазичните експерти можат да ги прочитаат, но немаат поим што значат, со оглед на тоа дека етрурскиот јазик е изолат и не е во сродство со ниту еден друг познат јазик.

Исчезнатото прво европско царство

Кај Етрурците барем знаеле како се нарекувале самите себе. Но, исклучително напредната и неверојатно богата цивилизација на Крит ја нарекуваме со името кое им го дале грчките митови. Со својата татковина на Крит, Минојците доминирале со Егејското море од 2000 до 1450 година пред нашата ера. Поради тоа се наречени и првото европско царство.

Минојската цивилизација се појавила во 2500 година пред нашата ера и подарила три писма: критските хиероглифи, леинар А и линеар В. Првите две писма паралелно ги користеле Минојците, на различни делови од Крит. Линеар В настанало од линеар А, кој микенските грци го прилагодиле на својот јазик. Повторно, тука се поставуваат многу, многу прашања.

Се претпоставува дека Минојците не биле Грци, па дури ни Индоевропејци, со оглед на тоа дека Микенците морале да го преправат системот до непрепознатливост за да го запишат својот јазик. Но, кои биле тогаш Минојците? Во прилог на тоа дека не биле од индоевропско говорно подрачје говорат и наодите на божицата на змијата, со оглед на тоа дека индоевропските цивилизации по правило почитуваат машки врховен бог. Како Минојците го развиле својот систем на пишување? Дали истиот еволуирал целосно независно, од симболи и слики (како на пример египетските хиероглифи) или овие господари морале да позајмат и доработат нечиј друг систем?

Највредниот артефакт кој е пронајден е дискот од Фаистос, настанат помеѓу 3 и 2 век пред новата ера. За овој објект се знае многу малку. Знаеме дека е направен од глина и дека е стар околу 2.300 години, бидејќи некои археолози дури и се сомневаат во неговата автентичност. Откриен е во 1908 година, за време на ископувањето на дворецот во Фаистос. На него се наоѓа 241 отпечаток од 45 различни симболи. Имајќи во предвид дека ништо слично не е пронајдено од тој временски период, археолозите не успеаја да ја дешифрираат содржината на дискот. Некои знаци на дискот се совпаѓаат со оние од линеарот А, но повеќето се уникатни.

Морските луѓе кои ги уништиле сите напредни цивилизации

Со пропаѓањето на Минојците, необјасниво пропаѓаат и низа други цивилизации. Во текот на доцното бронзено доба, цивилизациите напредувале со импресивна брзина на бреговите од Егејското море и на источните делови од Средоземјето. Минојската култура на Крит, Микенците во Грција, Хетите во Турција, Египќаните.

Но, околу 1200 година пред нашата ера сето тоа ќе се смени и тоа, историски гледано, преку ноќ. Во текот на една генерација, сите тие цивилизации ќе бидат збришани од картата, а културата ќе доживее регрес од илјадници години – од софистицирана керамика и архитектура, до дипломатски и трговски мрежи.

Катаклизмичното бронзено доба уште е една од најголемите црни точки во историјата. Историчарите нагаѓаат дека климатските промени го намалиле родот, а потресите и последиците од цунами несреќите ги уништиле градовите. Но, еден од бројните фактори за оваа глобална пропаст се и мистериозните Морски луѓе.

Технолошки инфериорните воини ограбувале и киднапирале, а никој не знае ниту кои се, ниту од каде дошле. Единствени записи за нив се оние египетските кои едноставно ги опишуваат како морски луѓе кои дошле од север. Ни денес не е познато кои се (се нагаѓа сешто, од Микенците и припадниците на Минојската цивилизација од Крит, до израелските племиња). Уште поголемо прашање е како успеале да ги поразат технолошки далеку понапредните цивилизации, а не е јасно ни каде исчезнале откако ги покориле Египќаните.

Исчезнатата најголема античка цивилизација

Културата која денес е позната како цивилизацијата од долината на Инд се појавила пред 4.500 години и направила градови кои денес се рушевини кај Харап и Мохенџо Даро во Пакистан. Тие луѓе напредувале илјадници години, тргувале со блиската Месопотамија и имале развиено урбано планирање. Мохенџо Даро е доказ за тоа. Речиси секоја куќа тогаш имала вистински одвод и бања, а улиците биле организирани во правилан форма, додека самиот град имал сложен систем за одвод.

Освен полјоделството, оваа цивилизција ја припитомила и кокошката, мачката и кучето, а се претпоставува дека тие први ги припитомиле и камилата, слонот и свињата.

Интересно е дека меѓу рушевините не се најдени знаци на владетелски или верски згради, што во древна цивилизација претставува вистински преседан. Во ловечко-собирачка заедница поединците главно биле еднакви, додека во развиените населени цивилизации жителите се потчинувале на владетелите, воената и свештеничка класа. Кај оваа цивилизација нема јасни траги од таква хиерархија.

Првите рушевини ги пронашол британскиот воен бегалец Џејмс Луис, на почетокот од 19 век, во близина на Харап во Пакистан. Но, археолозите не се замарале многу со тие наоди до 1920 година, кога благодарение на другите наоѓалишта почнале да ја сфаќаат големината на оваа цивилизација.

Од 2500 година пред нашата ера оваа цивилизација цветала и заземала простор со површина колку цела западна Европа, далеку многу повеќе од тоа што во тој период го заземале древна Кина, древен Египет или цивилизациите на Месопотамија. И тогаш – исчезнале. Неко научници нагаѓаат дека ги уништиле климатските промени, други претпоставуваат дека ги покосила епидемија, но и денес немаме дефинитивно и точно објаснување.

Коментари

loading...
Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top