Најголемите европски банки чуваат милијарди во даночните оази


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Најголемите европски банки ги исцрпуваат државните буџети складирајќи ги милијардите што ги заработуваат во даночните оази, ги пренесуваат во понеделник европските медиуми резултатите од истражувањето на меѓународната хуманитарна организација Oxfam.

Во 2015 година во даночните оази завршиле 25 милијарди евра, проценува Oxfam во извештајот Отворање на сефовите, пренесува EUobserver.

Тоа значи дека помалку пари се слеваат во државните буџети за финансирање на јавните потреби, како здравствената заштита и образованието, потсетува порталот во извештајот.

Oxfam во извештајот ги објави резултатите од истражувањето со кое беа опфатени 20 најголеми банки во Европа, вклучувајќи ги италијанските UniCredit и Intesa Sanpaolo, германските Deutsche Bank и Commerzbank, француските Societe Generale и Credit Agricole, шпанските Santander и BBVA и британските HSBC, Barclays, RBS и Lloyds Bank.

Утврдиле дека Луксембург и натаму спаѓа меѓу нивните најпрофитабилни даночни оази. Така Големото Војводство им помогнало на банките само во 2015 година да заработат 4,9 милијарди евра.

Британската банка Barclays, петта во Европа според големината, пријавила во Луксембург повеќе од половина милијарда евра добивка, а данокот го платила по стапка од 0,2 отсто.

Oxfam до овие податоци дошол благодарение на прописите на Европската унија(ЕУ), кои ги обврзуваат банките да ги објавата податоците за добивката и даноците. Извештаите првпат се објавени во 2015 година.

Собирајќи ги податоците, во оваа хуманитарна организација откриле дека европските банки воопшто не плаќаат данок на добивка во даночните оази како Бермуда, Kајманските острови и островот Ман.

RBS, Societe Generale, UniCredit, Santander и BBVA успеале во Ирска дури да остварат добивка што ги надминала нивните годишни приходи, покажа истражувањето.

На таа огромна добивка даноци се плаќани по многу пониски стапки дури и од онака ниската даночна стапка на добивка во Ирска од 12,5 отсто, пишува во извештајот на Oxfam.

Сознанијата се надоврзуваат на откритијата од 2014 година за тајните даночни аранжмани кои властите во Луксембург ги склучиле со 340 компании и десетина банки

Поттикнати од ваквите откритија, Европскиот парламент покрена истрага, што резултираше со построги прописи на ниво на ЕУ за даночна транспарентност. Свиркачите, пак, добија условни и парични казни.