Над сто сајтови од Велес агитираат во корист на Трамп и прават пари со тоа


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Ова е вест на милениумот, Вашите молитви се услишени, се насловите на текст од WorldPoliticus.com, во кој се цитира анонимен извор од американската агенција ФБИ кој тврди дека Хилари Клинтон во 2017 година ќе биде обвинета за кривични дела поврзани со скандалот со нејзиниот мејл.

Оваа вест, која нема никакви веродостојни извори, генерирала 140 илјади споделувања, реакции и коментари помеѓу американските корисници на Фејсбук. 10 илјади километри подалеку, пишува BuzzFeed, младо момче од македонскиот град Велес гледал како неговиот профил на Google AdSense се полни со пари.

Претходната година, жители на Велес подигнале најмалку 140 американски политички вебсајтови. Сајтовите имаат американски имиња како USADailyPolitics.com, или DonaldTrumpNews.co. И сите од нив објавуваат пропагандни, агресивни содржини во корист на републиканскиот кандидат за претседател Доналд Трамп, насочени кон конзервативните граѓани и неговите поддржувачи во САД.

За овој феномен, во април, пишуваше и новинската агенција Мета.мк, која тогаш идентификуваше најмалку шест веб-страни кои пренесуваат пропагандни вести за Трамп.

На младите Македонци кои ги водат овие сајтови не им е гајле за Доналд Трамп, туку го прават тоа од економски побуди. Неколку тинејџери, кои ги контактирал BuzzFeed објаснуваат дека сфатиле колку голем сообраќај генерираат политичките стории кои се споделуваат на Фејсбук – и дека најдобар начин за генерирање споделувања на социјалната мрежа е преку објавување сензационалистички и често лажни содржини кои ги хранат поддржувачите на Трамп.

Како резултат, овие извори на про-Трамп сајтови во Македонија играат важна улога во пропагирањето лажни вести и информации кои доведуваат во заблуда, пишува BuzzFeed.

Да информациите на блоговите се лоши, лажни и погрешни, но логиката е дека ако тоа е нешто што ќе ги тера луѓето да кликаат или да споделуваат – тогаш користи го, вели студент од Велес кој отворил еден таков сајт и кој се согласил да зборува за BuzzFeed доколку не се користи неговото име.

Сајтот, пребарувајќи ги регистрациите на интернет домејните, утврдил преку 100 активни сајтови за американската политика кои се управуваат од Велес. Поголемите сајтови имаат и свои фејсбук страни со илјадници следбеници. Регистирани се и дополнителни 40 сајтови кои не се повеќе активни.

Целта на сите овие сајтови е само финансиска, според Македонците кои ги контактирале во текстот.

Го почнав сајтот бидејќи е лесен начин за правење пари. Во Македонија економијата е многу слаба и тинејџерите се без работа, па се обидуваме да најдеме креативни начини да заработиме пари. Музичар сум, но не можам да приуштам музичка опрема. Овде во Македонија заработката од мал сајт е доволен за да се обезбедат многу работи, рекол 17-годишник кој има сајт заедно со четири други соработници.

Повеќето содржини на овие сајтови се преземени или копирани од десничарски и конзервативни сајтови во САД. Македонците ја гледаат веста на некое место, пишуваат сензационалистички наслов и го постираат на својот сајт. Потоа го споделуваат на Фејсбук за да постигнат поголем сообраќај. Колку повеќе луѓе кликаат на неа – толку повеќе пари заработуваат.

Претходно, луѓе од Велес експериментирале и со левичарски сајтови и пропагандни содржини за Берни Сандерс, но тие не поминувале добро како содржините за Трамп.

Најпопуларниот пост кој го пронашол BuzzFeed од македонски сајт е лажниот текст со наслов Хилари Клинтон во 2013: Сакам да видам луѓе како Трамп да се кандидираат за претседател; тие се чесни и не можат да се поткупат. Содржината е стара една недела но, собрала скоро 500 илјади споделувања, реакции и коментари на Фејсбук. За споредба, ексклузивната сторија на Њујорк Тајмс за Доналд Трамп кој во даночната пријава пријавил 916 милиони долари загуба во 1995 година, генерирала нешто повеќе од 175 илјади фејсбук интеракции за еден месец.

Младите Македонци знаат дека набрзо завршува овој извор на заработка, бидејќи очекуваат сообраќајот драстично да се намали по изборите. Но истовремено се надеваат дека победа на Трамп би ги одржало нивните сајтови и понатаму.

Ако Трамп изгуби ќе го насочам мојот сајт кон спорт. Тоа би значело дека нема да има повеќе политика вредна за покривање, рекол еден од нив.