На протестите против рускиот претседател Путин приведени над сто лица


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Стотици приврзаници на опозицијата во Русија се собраа денеска на протест против претседателот Владимир Путин во Москва, иако настанот беше забранет, пренесе ДПА.

Протести имаше и во други големи градови, каде беа уапсени десетици лица, соопштија американските медиуми.

Главниот митинг во парк во главниот град, каде се собраа неколку стотици луѓе, помина мирно. Потоа, при засилено полициско присуство, демонстрантите се наредија во колона до канцеларијата на претседателската администрација, за да врачат писма до Путин, во кои го повикуваат да не се кандидира за претседател на изборите следната година.

Денешните демонстрации беа многу помали во споредба со одржаните на 26 март, но покажаа дека маргинализираните опозициски сили ќе продолжат да вршат притисок, забележуваат агенциите.

Протестот во главниот град под мотото „Доста ни од него“ беше организиран од движењето „Отворена Русија”, финансирана од критичарот на Кремљ и поранешен магнат Михаил Ходорковски. Некогаш најбогатиот човек во Русија, во 2013 година беше ослободен од Путин, откако помина во затвор една деценија за измама – обвинување, кое според Ходорковски, беше политички мотивирано.

Полицијата, цитирана од ДПА, соопшти дека на демонстрациите во Москва имало околу 250 лица, а според податоците на организаторите присутни биле околу 1000 лица, пренесува БТА.

На опозициски настроен портал, се информира дека полицијата привела над 120 демонстранти во Санкт Петербург, како и 15 приведени во градовите Тула и Кемерово.

Владимир Путин, кој доминира во руската политика од 17 години, уште не објавил јавно дали ќе се кандидира за четврти мандат следната година, но многумина во Русија очекуваат, со оглед на неговиот висок рејтинг, тоа да го стори.