Меморандум за разбирање и рестартирање на „Југохром“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Во Владата денеска ќе биде потпишан меморандум за разбирање за рестартирање на „Југохром“. Целта е, како што соопшти владината прес служба, придонес во изнаоѓањето решение за надминување на состојбата на работењето на друштвото.

Меморандумот ќе го потпишат вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, управителот на Друштвото за производство, трговија и услуги Југохром Алзар ДООЕЛ Јегуновце, Васко Скендеровски и претседателот на синдикалната организација на Друштвото за производство, трговија и услуги Југохром Алзар ДООЕЛ Јегуновце Бајрам Амити.

Фабриката за феролегури „Југохром“ во Јегуновце, која беше затворена поради неизградба на филтер станица, според најавите, повторно ќе почне да работи во март или април следната година.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули на јавната дебата на тема „Не оставај на друг, дојди за чист воздух“, рече дека

комбинатот „Југохром“ може да се рестартира во фази и само по исполнување на еколошките стандарди, по воведување соодветни филтри и она што како екологија треба да го задоволува.

„Југохром“ беше затворен затоа што, како што кажа и премиерот Заев, менаџментот на комбинатот беше жртва на притисоци и уцени од претходната влада, рече Макрадули.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев на 5 октомври на митинг во Тетово рече дека „Југохром“ повторно ќе работи со цел капацитет и по еколошки стандарди, а за денеска во Владата е најавено потпишување договор со сопственикот и со синдикатот на фабриката. Најавено е дека Комбинатот би можел да почне да работи во март или април следната година.

На 2 ноември 2016 година, „Југохром“ целосно го запре производствениот процес и околу 800 луѓе останаа без работа. Раководството на комбинатот одлучи да ја спроведе одлуката на Испекторатот за животна средина за затворање на фабриката поради непочитување на крајниот рок за изградба на филтер станица кој истече на 30 октомври 2016 година. Неколку пати потоа вработените во „Југохром“ протестираа барајќи решавање на нивниот проблем.

Здружението „Еко герила“ пред неколку дена оцени дека изјавата на премиерот Зоран Заев, дека „Југохром“ ќе започне со работа со полн капацитет со поставување филтри во месец март, е предизборна пропаганда.

Тетово беше најзагадениот град во Европа. Со затворањето на ‘Југохром’ убедливо се докажа дека градот Тетово и неговата околина се 60% помалку загадени. Политичката класа која го толерираше масовното труење на Тетово со години мора да ја носи најголемата одговорност во историјата, реагираат од „Еко герила“.

Како што е запознаен и самиот премиер, велат од таму, за еден толку голем индустриски капацитет , за да работи со полн капацитет, поставувањето на филтрите бара минимум две години.

Изјавите дека со работа може да се започне во март ги сметааме за несериозни. Секоја козметичка импровизација ќе биде неприфатлива. Силно повикуваме на строга инспекција со исполнувањето на сите еколошки стандарди со нулта толеранција за непочитување на истите. Инаку, одговорот на граѓаните ќе биде суров. Назад не постои, здравјето на граѓаните пред се’, соопштува „Еко герила“.