Македонските хемичари се враќаат со бронза од Интернационалната олимпијада во хемија


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Македонскиот хемиски олимписки тим се закити со бронзен медал на 49-та Интернационална хемиска олимпијада 2017 (International Chemistry Olympiad IChO-2017) која се одржа во Натхон Патхом, Тајланд.

Ова е најдобар резултат досега, а бронзениот медал го освои Филип Трајковски, ученик во скопската гимназија „Раде Јовчевски- Корчагин“. Во тимот се и учениците Антонио Андоновски, исто така од Корчагин и Магдалена Златанова од „Јахја Кемал“, Струмица и Едита Битиќи од „Јахја Кемал“, Скопје. Учениците, заедно со претставниците од Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ) и менторите, доцент д-р Миха Буклески и професор Д-р Слоботка Алексовска, од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје ги почнале подготовките уште во декември 2016 година. Од Сојузот велат дека патувањето на учениците било неизвезно бидејќи МОН не обезбедило финансии, а имало проблеми и со визите. Институтот за хемија ги покрил сите трошоци за подготовка на ученците за теоретскиот и за практичниот (експериментален) дел.

– Како прва пречка се јави финансирањето и обезбедување спонзорство. За разлика од минатите две години, овој пат Министерството за образование и наука не успеа да обезбеди спонзор кој ќе ги покрие трошоците за пат и котизација. Како резултат на тоа, СХТМ беше принуден за краток период да успее да најде спонзори. Беа доставени преку 60 барања за спонзорство до компании со различни дејности, но малкумина одговорија. Неизвесноста траеше до последен момент кога една недела пред почетокот на олимпијадата беа собрани ¾ од потребните средства – велат од СХТМ.

За среќа надминат бил и проблемот со визите, па учениците заминале на Олимпијадата, со еден ден задоцнување.

Инаку, Македонија учествува на овој натпревар од 2013 година, а СХТМ е предводник на тимот од 2015 година. Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија e професионално здружение кое сo секцијата за образование по хемија повеќе години организира натпревари по хемија за учениците од средните училишта од Република Македонија, со учество на околу 500 ученици годишно.

Извор: Факултети.мк