Македонскиот документарец „Езеро од јаболка“ растура со награди на филмските фестивали


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Документарниот филм „Езеро од Јаболка“ поддржан од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Швајцарската агенција за развој и соработка ја доби главната награда за документарен филм за животна средина на фестивалот Nature Namur во Белгија во конкуренција на десетици филмови од целиот свет. Овој фестивал е еден од најпрестижните светски фестивали за документарни филмови кои обработуваат теми од екологијата, заштитата на животната средина и одржлив развој.

„Езеро од јаболка“ досега е прикажан на десетина филмски фестивали на кои има освоено неколку награди, како што е најдобар филм во категорија заштита на животната средина и промоција на туризмот во Србија, наградата „Персеј“ на филмскиот фестивал Т-Филм во Острава, Чешка. Деновиве, на филмскиот фестивал во Инсбрук, Австрија, ја доби почесната награда во категоријата на документарни филмови од областа на екологијата.

Филмот „Езеро од јаболка“ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, во 30 минути, мошне вешто и на визуелно возбудлив начин ги доловува резултатите од долгогодишните напори за намалување на загадувањето на Преспанското Езеро.

Преку приказната раскажана од повеќе карактери, се доловени и начините на кои виталните функции на Преспанското Езеро се обновуваат, преку промената на начинот на кој земјоделците ги одгледуваат своите култури. Последните истражувања покажуваат дека најголемиот дел на земјоделците во Преспа имаат усвоено модерни производни практики и со тоа значително е намалена употребата на пестициди, вештачки ѓубрива и вода за наводнување. Ова намалување на внесот на загадувачки материи во езерото, овозможи да се спречи деценискиот тренд на нарушување на неговата еколошка состојба и да отпочне процесот на негово обновување, што се потврдува со редовните контроли на квалитетот на водите.

Во изминатите 15 години, УНДП, Швајцарската агенција за соработка и развој и Општина Ресен во вложија 15 милиони долари за спас на Преспанското езеро.

Светската промоција на документарниот филм „Езеро од јаболка“ се одржа во Скопје на 24 март 2017 година.