Македонија во друштво на Мозамбик, Мавританија и Суринам по индекс на корупција


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Македонија на листата на Индексот на перцепција на корупцијата 2016 година се наоѓа на 90 место, а од 2015 до минатата година има пад од 24 места. Од Транспаренси Интернешнел Македонија велат дека проблемот со корупцијата во земјата ескалира.

Македонија е меѓу осумтте земји и територии во светот кои имаат најголем пад во рангирањето на Индексот на перцепција на корупцијата 2016 година. Македонија е во друштвото на Мозамбик, Мавританија, Тринидат и Тобаго, како и Мексико, Тајланд, Суринам и единствената друга земја од Европа, Белорусија.

Македонија на листата се наоѓа на 90 место, а од 2015 до минатата година има пад од 24 места. Ништо подобро не стои Македонија и со земјите од регионот. Само Косово е подолу на листата, иако има подобрување во нивото на корупција.

Од Транспаренси Интернешнел Македонија велат дека проблемот со корупцијата во земјата ескалира. Според Дона Димов од организацијата, Македонија забележала историски и глобално најголем пад на ранг листата.

Индексот, како што појаснува таа, всушност говори за тоа како бизнис заедницата и реномираните експерти го оценуваат нивото на корупцијата во јавниот сектор.

Според ова излегува дека во Република Македонија имаме состојба во која што, борбата со корупцијата е на многу ниско ниво. Значи се соочуваме со ситуација во која практично одговорните лидери во државата не реагираат и не спроведуваат мерки кои ќе можат да придонесат за надминување на состојбата, односно за ефикасна борба против корупцијата, смета Димов.

Во пишана изјава за медиумите претседателот на Транспаренси Интернешнел Македонија Слаѓана Тасева оценува дека падот на земјата е фрапантен.

Според неа, тој систем мора да се замени со систем во кој ќе владее правото, а институциите ќе бидат ефикасни и ќе преземат сериозни мерки за справување на корупцијата како проблем од висок приоритет. Во индексот опфатени се 176 држави и територии, а највисоко на листата се наоѓаат Данска, Нов Зеланд, Финска и Шведска. Најниско рангирани пак се Сомалија, Јужен Судан и Северна Кореја.