Актуелно Македонија и Бугарија бараат поддршка од ЕК за заедничките инфраструктурни проекти

Бугарија и Македонија ќе ги интензивираат напорите за промовирање на добрососедските односи и соработка, вклучително и преку проекти и иницијативи кои би можеле да имаат практична вредност не само за двете земји, туку и за целиот регион.
Ова се наведува во заедничкото писмо на министрите за надворешни работи на двете земји Кристијан Вигенин и Никола Попоски до еврокомесарот за проширување Штефан Филе и комесарот за регионална политика Јоханес Хан.
- Двете страни високо ги ценат можностите кои  ги дава ЕК за зајакнување на партнерството преку програмите за територијална соработка, насочени кон посилен и одржлив економски и социјален развој на регионите, на тој начин стимулирајќи го нивниот потенцијал, се наведува во писмото.
Министрите за надворешни работи ја потврдуваат подготвеноста на Бугарија и Македонија да ги прошират контактите меѓу надлежните институции за да обезбедат подобра координација и спроведување на заедничките проекти во области како што се инфраструктурата, економијата и подобрување на севкупното поврзување на регионот.
- Сметаме дека треба да биде дадено приоритетно значење на постоечките проекти, кои се насочени кон развој на патната и железничка инфраструктура, со посебно внимание на Коридорот 8 (исток-запад), посочуваат Вигенин и Попоски, нагласувајќи дека доделувањето на поголема финансиска помош за завршување на овие проекти е од клучно значење.


ОСТАВИ КОМЕНТАР