Лидерите на ЕУ: Балканот на крај ќе мора да влезе во Унијата


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Лидерите на ЕУ на нивниот состанок во Брисел го реафирмираа влијанието на Унијата на Балканот. ЕУ соопшти дека е отворена за прием на нови членки од Балканот доколку земјите во регионот ги продолжат нивните економски и политички реформи.

Тоа, како што е наведено, значи дека се бетонира долготрајната посветеност на Унијата за стабилизирање на регионот, заглавен во политички кризи.

Евролидерите соопштија дека го ставија членството на земјите од Балканот високо на дневниот ред на самитот за да покажат дека и покрај етничките тензии, реформски ориентираните земји би можело да бидат добредојдени како членки.

До ова доаѓа особено во време кога Русија гледа да го зголеми влијанието во регионот. Повторно избраниот претседател на Европскиот совет Доналд Туск притоа рече:

Европската унија останува верна на ветувањето од Солун и целосно е посветена на стабилноста и просперитетот на регионот.

Ветувањето од Солун што го спомнува Туск всушност е декларацијата што ЕУ ја усвои во 2004 година, а во која се вели дека сите земји од Западен Балкан ќе станат членки на Унијата.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер повторувајќи дека земјите од Западен Балкан имаат недвосмислена европска перспектива, изјави дека Унијата не отстапува, туку настапува во регионот.

Пред две години Јункер изјави дека нема да има прием на нови членки на Унијата за време на неговиот мандат кој истекува во 2019 година.

Јас не мислам дека беше грешка кога објавив во јули 2014 година дека нема да има проширување за време на мандатот на оваа Комисија бидејќи, како што всушност е, ниту една земја кандидат не е подготвена да се приклучи. Ние не ги запревме преговорите за проширување.

На самитот во Брисел не беше донесена нова политика на Унијата спрема Балканот, но дипломатите велат дека евролидерите ќе гледаат почесто да го посетуваат регионот за да ги охрабруваат реформите.

Постои чувство дека нивниот европски пат е напуштен. Но, нивниот единствен пат е кон ЕУ, вели еден неименуван дипломат за новинската агенција Ројтерс.

Евролидерите предупредија дека потенцијалното зголемување на нестабилноста на балканот ќе претставува опасност за европската безбедност.

Британската премиерка Тереза Меј пак најави дека нејзината земја ќе одржи специјален самит посветен на Западен Балкан. Тој треба да се одржи во 2018 година.