Левица со најскромна, ВМРО ДПМНЕ со најбогата предизборна кампања


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Финансиските извештаи на партиите објавени на ДИК покажуваат дека ВМРО ДПМНЕ потрошила 16 пати повеќе пари од СДСМ за време на кампањата за претстојните локални избори.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ има најголеми приходи, но и најголеми трошоци за изборната кампања во споредба со другите партии, покажуваат финансиските извештаи објавени на Државната изборна комисија (ДИК). Ако се соберат расходите во осумте поднесени извештаи на опозицијата до ДИК, може да се забележи дека партијата потрошила околу 680.000 евра од кои најголем дел за реклами и пропаганда. СДСМ, пак, од членарини и донации собрала околу 250.000 евра, а потрошила само 42.000 евра. Од овие средства, околу 17.000 евра СДСМ ги потрошил за реклами.

Партиите ДУИ и БЕСА се влезени во минус. Според податоците, опозициската ВМРО-ДПМНЕ добила вкупно 46.000 евра од 207 донатори и 480.000 евра од членарината, а како најзначајни донатори се спомнуваат имињата на кандидатите за градоначалници Коце Трајановски, Иван Франгов, Јохан Тарчуловски, Тони Трајковски, Владо Мисајловски, кои донирале по 1.000 евра, додека актуелните пратеници и други поранешни функционери донирале различни суми од 100 до 500 евра. Партијата приложува и извештај за тоа како ги потрошила сите пари, а во извештајот се наведуваат различни услуги за изнајмување простор, печатење, но и за рекламирање на телевизиските канали и на социјалните мрежи.

Донатори на владеачката СДСМ се 76 приватни и две правни лица, а по 3.000 евра донирале Методија Тасевски, Иванчо Ивановски и Гого Видимче, а 2.500 евра донирал кандидатот за градоначалник на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски. Како што известуваат од партијата, околу 200.000 евра биле собрани од членарината и само тие пари биле трошени за изборната кампања. Прикажан е расход од 42.000 евра, главно за транспорт, изнајмување простор, рекламен материјал и реклами само во една телевизија.

ДУИ не пријавила донации, туку само приход од членарината во износ од 65.000 евра, а потрошила двојно повеќе. БЕСА има приход од донации од шест лица во износ од 5.500 евра и донации од околу 13.000 евра, а како што е наведено, расходите се минимално поголеми.

Според финансискиот извештај, најскромна кампања води Левица, која имала приход од околу 2.000 евра од донации, а досегашните трошоци изнесуваат само 1.300 евра.

Ова се финансиски извештаи за првата половина од кампањата. Целосните извештаи треба да се достават и објават на ден по завршувањето на кампањата, односно ден пред изборите, на 14 октомври.