Лажни лажни вести


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Веројатно ви е познато она кога некој производ или бренд станува синоним за сите производи од тој тип? На пример: џакузи, плексиглас, селотејп, гуглање, вазелин, целофан, ескалатор, керозин, термос, џип, памперс, фотошоп, вокмен, термос, и рaзни други.

Нешто слично се случува со поимот „лажни вести“ кој полека станува „генерички термин“ (генерифициран термин, англ. genericized term/basket term) за речиси сите видови информации . Сега сè е лажна вест: и шпекулација и дезинформација и пропаганда и спинување и политички маркетинг и измислено интервју и сатирична вест и ред други. Проблемот со „генери-фицирањето“ е што се создава конфузија зад која многу лесно може да се сокрие незнаење, површно знаење или манипулирање.

Најпрепорачлива (засега) е класификацијата на вести и информации која ја користи и Советот на Европа во своите препораки за справување со информациските манипулирања.
Овој метод се базира на намерата (интенционалноста) при информирањето и издвојува три вида информациско пореметување (information disorder) кај медиумите:

–ПОГРЕШНО ИНФОРМИРАЊЕ
(misinformation) – се пренесува погрешна вест или информација без намера за манипулација.

–ЛАЖНО ИНФОРМИРАЊЕ
(дезинформирање, disinformation) – намерно манипулирање со информациите со користење на разни техники (манипулативно селектирање на информации, спинување, вадење од контекст, мешање на информација и коментар, намерно мешање на точни и неточни информации, целосно неточни или измислени информации, и други техники).

–НАШТЕТУВАЧКО ИНФОРМИРАЊЕ
(mal-information, информации кои треба да предизвикаат штета) – се работи за постоечки или точни информации кои се објавуваат со цел да се наштети некому и вообичаено се работи за објавување приватни, класифицирани, тајни или друг вид заштитени информации.

Неколку заклучоци кои произлегуваат од овој препорачан метод на типологизација на информациите:

-Лажните вести се (само) поттип на дезинформирањето (ако споделуваш лажна вест без да ја препознаеш како лажна, ти несвесно дезинформираш и репродуцираш лажна вест).

-Шпекулациите можат да бидат и погрешни информации и лажни информации, зависно од тоа дали има (јасна) намера за манипулација или не.

-Сатиричните вести (измислени интервјуа и сл.) се лажни информации кои признаваат дека се лажни, и во таа смисла се специфичен случај кој за цел има забава или демаскирање како се измислуваат „сериозните“ информации.

-Објавите на Викиликс, Сноуден, електронската пошта на Подеста и слични други случаи се примери на „наштетувачки информации“ кои треба да се толкуваат во својот специфичен контекст, односно кому конкретно му се нанесува штета: дали е тоа чесна компанија, недолжно приватно лице, изборен процес или пак функционер, партија, компании, институции кои ја злоупотребуваат својата позиција или функција.


Автор: Сеад Џигал/Комуникации.нет