Крај за доживотниот надоместок: Се укинува титулата „национален уметник“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Државата повеќе нема да може да ја доделува титулата национален уметник, која предвидува доживотен месечен надомест за добитниците и тоа во износ од две просечни плати.

Пратениците вчера го изгласаа законот со кој се укинува оваа титула, но петмина од уметниците на кои им беше доделена и натаму ќе ги уживаат привилегиите. Законот беше во процедура уште од минатата година, а како образложение за негово укинување, владата тогаш ги наведе милионските суми кои годишно се одделуваат од буџетот за исплата на надоместоците.

„Постојат и други механизми за стимулирање на творештвото: парични износи кои им се доделуваат на добитниците на државните награди, право на месечен надомест по остварување право на пензија, откупи на дела.“

Освен тоа, Министерството за култура дополнително ќе ги намалува трошоците со укинување и на субвенциите за домашна музичка продукција. Откако МРТ ги поништи двата конкурси, поради констатирана незаконитост во постапката, Владата веќе изготви и го разгледуваше предлогот за укинување и на овој закон, кој беше донесен во 2014, а до сега од Буџетот се потрошени 2 милиони евра за финансирање создавање македонска народна и забавна музика.

Од министерството за култура денеска беа недостапни за одговор на нашите прашања и коментар за реакциите меѓу уметниците кои веќе најавија тужби. Пред да биде поништен конкурсот, пари требаше да се одвојат над 100.000 евра за 38 песни, а беа избрани музичарите Кристијан Габроски, познат како Ристо Бомбата, Ѓорѓи Крстевски и Александар Ристовски- Принц. Тие бараат и правна разврска.

Дел од нивните колеги пак, но и граѓаните честопати го критикуваа начинот на кој се делеа државни пари, посочувајќи дека се фаворизираат уметници, а дел од критиките се однесуваа и на квалитетот и содржината на песните кои граѓаните ги чинеа стотици илјади евра.