Актуелно

Коѕиас доаѓа во посета на Скопје, точниот датум уште не се знае


Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас ќе дојде во Македонија, но сè уште не се знае точниот датум, велат од МНР, а пренесува Мкд.мк. Сепак, по најавите во некои грчки медиуми, посетата на Коѕиас ќе биде на 31 август.

Од МНР додаваат дека посетата беше најавена за во август уште за време на посетата на македонскиот шеф на дипломатијата Никола Димитров на Атина, но датумот се уште не е прецизиран.

Потврда за датумот на посетата нема ни од грчкото МНР, а грчките медиуми, како што јави МИА, повикувајќи се на свои „високи извори“, тврдат дека прашањето за името ќе биде главна тема за која ќе разговараат министрите за надворешни работи на двете земји.

„Прашањето за името ќе биде во фокусот на состанокот меѓу двајцата министри, со оглед на тоа што на нивната последна средба во Атина разговараа главно за Мерките за градење доверба“, пишувале некои интернет портали во Грција, додавајќи дека „новата македонска Влада е многу активна и се очекува од есен да почне нови контакти во Брисел со кои ќе докаже дека земјата ги исполнува Копенхашките критериуми за доборососедство и демократија“.

Претстојната посета на Коѕиас во Грција се смета за многу важна, со оглед дека се реализира по неговата средба со посредникот Метју Нимиц во Брисел.

Но, Нимиц за време на последната посета на Скопје во јули рече дека не треба да се очекуваат значајни промени во решавањето на спорот во следните неколку месеци, затоа што сега допрва ќе се разгледуваат ставовите на двете страни и додаде дека не е време сега да се излезе со дефинитивен предлог.




Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!

Copyright © 2017 Лав Медиа Груп

To Top
Connect!