Колумна: Знаењето не е моќ, туку интелектуален алат кој прво мора да обезбеди егзистенција


Одиме јако! Не чека ЛУД викенд! ↓↓↓


Човековиот разум е основното средство на човековата егзистенција, тој е главната разлика која човекот го одвојува од останатиот жив свет. Човекот нема канџи, ниту големи заби за да лови плен, ниту има рогови за да се брани, ниту крзно кое ќе го штити од надворешни влијанија. Човекот се раѓа гол, и единствениот инструмент кој му стои на располагање е здравиот разум. Целокупното човеково постоење е строго зависно од неговото рационално и разумно однесување. Се што човекот работи во корист на сопствената егзистенција најнапред мора да биде испланирано од неговиот разум, па дури потоа создадено од неговиот труд.

За разлика од останатиот жив свет кој го водат инстинкти и рефлекси, човековиот разум го водат вештините и инфорамциите кои човекот некако мора ди ги стекне. Количеството на совладани вештини и информации го сочинуваат знаењето кое понатаму го води разумот кон креирањето на човековата егзистенција. Тоа е основната методологија која најнапред го одржала човековиот живот, па понатаму ја создала и целокупната негова цивилизација.

Значи човекот мора да се однесува разумно, и мора да поседува одредено знаење за најнапред физички да опстане, а понатаму и да живее како човек.

Кога превзема одредени дејствија, согласно сопствениот разум и знаење, и согласно егзистенцијата како главна цел, човекот мора да направи одредена селекција на таквите дејствијата. Таквата селекција го одредува моралниот код кој го следи секоја индивидуа. Се што човекот прави мора истовремено да има и некакво морално оправдување. Во принцип постојат два типа на морал: алтруистички, и морал на личниот интерес. Согласно ваквите морални принципи луѓето создаваат и општествени системи каде соодветниот морал е поддржан со адекватни закони.

Моралот на личниот интерес е карактеристичен единствено за капиталистичкиот општествен систем. Личниот интерес е морал кој ја следи човековата природа, според која разумот со своето знаење е основниот креатор на човековата егзистенција. Ваквиот морал луѓето ги третира како слободни поединци, кои доброволно соработуваат низ меѓусебната размена. Таквата размена е иницирана од личниот интерес, но во корист на останатите кои тоа се спремни да го платат. Само доколку човекот успешно им служи на останатите луѓе, може да очекува егзистенција и квалитетен животен стандард. Да се биде богат, значи да се поседува знаење кое успешно им служи на што повеќе луѓе со што се задоволува и сопствениот, личниот интерес.

Алтруистичкиот морал е карактеристичен за сите останати општества, освен за капитализмот. Алтруизмот е морал според кој секој поединец е во сопственост на колективот, и сите негови дејствија треба да бидат во согласност со потребите на колективот, а не согласно неговиот личен интерес. Овде егзистенција НЕ е зависна од служењето на другите поединци, туку од наградите на Лидерот кој го води колективот. Лидерот кој го распределува богатството одземено од сите, ги наградува поединците врз основа на нивната лојалност кон колективот, односно кон неговата политика. Да се биде богат и успешен во алтруистичко општество, значи да се биде близок, понизен и послушен кон лидерот… но и да се елеминираат сите потенцијални конкуренти кои имаат слични амбиции. Знаењето во алтруистичките општества е одредено на арбитрарен начин од страна на државните (политичките) институции.

Знаењето кое е стекнато и вреднувано според алтруистички принципи, човековата егзистенција ја обезбедува (со чесни исклучоци) на паразитски начин, користејки ги колективните фондови кои ги полнат политичките лидери. Во такви услови, знаењето служи како алатка во корист на политичките елити и нивните институции. Постојаното зголемување на државниот буџет, како и се поголемиот број на државни институции, е директна последица на алтруистичкиот морал кој овде неприкосновено доминира.

Уништувањето на личните амбиции на младите луѓе, одсуството на критичкото размислување, се поголемите казни и блокади на приватниот сектор, субвенциите, социјалната помош, државната потрошувачка во се повеќе општествени сфери, државното регулирање на бизнисот и капиталните текови, етничкиот колективизам… се е тоа триумф на алтруистичкиот морал кој овде е негуван со векови наназад. Знаењето денес е во служба на ваквите канибалистички принципи, врз кои почиваат нашите закони, регулативи, па и обичаи.

Доколку нашата интелектуална елита искрено сака да го демонтира ваквиот вредносен систем, за кој сите знаеме дека е дефектен… ќе мора да прво да го промени својот однос кон знаењето. Мора да исчезне академската ароганција кон неакадемската популација, особено кон бизнис заедницата која е независна од државните тендери и субвенции. Доколку некој не зборува на литературен македонски јазик, доколку не употребува академска терминиологија, и особено доколку не поседува одредено образование, неможе да биде исклучен или дисквалификуван во расправите на општествени теми.

Ако знаењето е водилка на здравиот разум, ако знаењето представува збир на стекнати вештини и информации кои ја создаваат човековата егзистенција, тогаш илузорна е помислата дека знаењето е титула добиена од одредена институција. Ако е ова јасно, тогаш не би требало да има проблем со следниот чекор, а тоа е комплетна интелектуална и академска елеминација на алтруистичкиот морал, и неговото исфрлување од сите возможни општествени науки. Капиталистичката општествена мисла е човековиот цивилизациски, етички и морален врв… и единствено таа заслужува етаблирање во образовниот и воспитниот процес.

Тое е единствениот начин да се ослободиме од сите возможни суети и политички полтрони кои издаваат: дипломи, нострификации, дозволи, одобренија, лиценци, и сл. Во услови на слободен пазар каде владее знаењето во корист на личниот интерес, способните се збогатуваат, неспособните пропаѓаат. Во неслободни општества каде владеат алтруистичките морални вредности, способните се најчесто прогласени за вештерки.

Одговор на колумната „Понижениот ум“ на Венко Андоновски, објавена во ДНЕВНИК на 23.06.2014

Пишува: Виктор Трифуновски, претседател на Либертаријански клуб Атлас