Кои ќе му бидат противкандидати на Панчевски за претседател на Кривичен скопски суд


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Судиите Владимир Туфегчиќ, Иван Џолев и актуелниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски се кандидатите за претседател на Основниот суд Скопје 1 или Кривичниот скопски суд кои досега поднеле апликации до Судскиот совет, од извори на советот пренесува НоваТВ.

Владимир Туфегчиќ прв пат се кандидираше за претседател на суд во 2011 година. И покрај многубројните шпекулации во јавноста дека истражниот судија Туфегчиќ што го водеше случајот „Пајажина“ ќе добие унапредување и тоа како претседател на повисокиот, Апелациски суд, тоа не се случи.

Тој од позицијата истражен судија го водеше и случајот „Монструм, а долго време беше и портпарол на Кривичниот суд пред да се вработат професионални служби. Туфегчиќ денеска се уште е во Кривичниот суд и работи како судечки судија на кривична материја.

Судијата Џолев во моментов работи во Кривичниот суд во одделот прекршоци, каде што, според написите на медиумите таму завршил поради освета и притисоци од страна на претседателот на Кривичниот суд. Ова беше и повод судијата Џолев да поведе кривична постапка против Панчевски.

А во трката со Џолев и Туфегчиќ е и нивниот претседател Владимир Панчевски кој пак ќе бара втор мандат. Тој во последните неколку недели стана најактуелниот правник во земјава поради негативниот ПР на судот кој го води – од забелешкитте на извештајот за напредок на ЕК дека во Кривичниот суд се вршат притисоци за неодлучување по притворите кои ги  бара СЈО, до обвинувањата на колегите за притисоци и јавните и груби пресметки со еснафот и медиумите, но и пријавите за нелегални спратови на градби во центарот на Скопје.

Минатата недела во интервју за 360 степени, претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, која важи за блиска до одредени структури во власта и чиј углед не е беспрекорен во поглед на обвинувањатта за партиски мешања, изјави дека „тој не заслужува втор мандат“.

Огласот за избор на претседател на Кривичниот суд е објавен на 7 ноември годинава, а кандидатите можат да се јавувааат 15 дена или до 21 ноември, односно следниот понеделник. До денеска се јавиле само овие тројца кандидати.

Согласно процедурите, претседателот треба да се избере на 4 декемри, но поради изборниот период тој веројатно ќе се бира во јануари.

Позицијата претседател на Кривичниот суд во Скопје е една од неколкуте најпрестижни во судството. Таму се предметите предничат и во однос на обем и во однос на тежина, особено кога станува збор за делата од оранизиран криминал и корупција. Позицијата носи моќ, па затоа истата е и кревка на влијанија од центрите на политиката и бизнисот. Ова и не зачудува имајќи во предвид дека во општеството речии и не постојат граници помеѓу државата и партијата, ако се суди по критиките во домашната и странската јавност.