Кога сме кај Ќосето


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


„….Настапи есента, по нејзе дојде и зимата. Ние се вртевме во Кожув планина. Тука имаше околу 500 души кои правеа ќумур. Производството на ќумур се експлоатираше од мангабашите. Работниците се пазареа од Митровден до Ѓурѓовден и беа многу лошо платени. Претприемачи беа двајцата бегови. Едниот со седиште во Цариград, а другиот во Солун. Сиот ќумур минуваше преку нив. Што да се прави?

Ги собравме ќумурџиите и им го предложивме следното: „Еј, слушајте, досега што сте се пазареле, сте се пазареле, но отсега натаму, од денес до Ѓурѓовден има еден месец. Ќе направите сметка, и ќе исечете толку дрва, и ќе направите толку ќумур колку што може да се направи од исечените дрвја. За во иднина нема да се пазарите. Кој ќе го направи тоа ќе го заковам на буките. Ако ве повикаат да се пазарите, вие ќе кажете дека не можете да правите пазарлак зашто ви е страв од комитите. Ќе ги кажете и нашите имиња – Михаил Попето и Андон Ќосето.

И наближи крајот на месецот, солунскиот бег ги повикал да се пазарат. Ќумурџиите одбиле. После тоа, бегот испратил свои луѓе и пазарил во Прилеп 500 секири, и им дал капар од по една лира. Дознав дека од Прилеп ќе пристигнат работници и кај Кривата Река поставив заседа. Тие влегоа во заседата и ги сопрев. Им реков да се вратат од каде што дошле. „Ама сме зеле по една лира капар“ – ми одговорија тие. Им реков: „Ќе се вратите низ планината, без да застанувате никаде. Сопрете ли – ќе ве исколам до еден!“

Не помина многу време, и за таа работа се дозна и во Солун. И од многумина трговци, почнав да добивам писма со кои ме молеа да ја ослободам гората, зашто целиот Солун се снабдувал со ќумур од таа гора. И реално, тоа беше вистина! Но јас сакав месните селани да ја користат таа гора, а не да се искористува од двајцата бегови.

14718710_316085198769086_8208477328761659024_n
Во тоа време, Турците организираа, од своја страна, три потери од по 60 души но не можеа да нè откријат. Скоро дознавме дека се собрале во Гевгелија Турци и Цигани, и се токмеле да се упатат кон планината Кожув за да собираат дрвја. Беа собрани во голем број за да се чуваат. Но јас им зедов мерка. Едно утро, на изгрејсонце, групата се појави оддалеку. Ги опколивме и ги фативме, и им удривме по еден сатар. Беа околу 30-40 души. Коњи, кучиња, магариња, мулиња, се мина под сатарот. Имаше и 2-3 кучиња и нив ги истепавме.

По едно време, бегот почна да води преговори. Посакал да воспостави личен контакт со мене. Од село Серменин, Гевгелиско, ми соопштија дека истиот бег дошол во селото и по секоја цена сакал да се сретне со мене, ризикувајќи го дури и својот живот. Јас одбив да се сретнам со него и наредив дека оној кој ќе се осмели да го доведе бегот кај мене, ќе го убијам . И така, беше прекината секаква коресподенција. Зедовме и ја распределивме гората меѓу сите села и ја определивме цената на ќумурот…..“

Извор: Спомените на Андон Ќосето
Подготви: Борис Аговски