Актуелно

Ќе им ги средува УЈП: Граѓаните ослободени од поднесување даночни пријави


Ако во една тековна година, освен платата, сте оствариле и дополнителни приходи, повеќе ќе немате веќе законска обврска да поднесувате годишна даночна пријава во Управата за јавни приходи (УЈП). Тие пресметки, наместо нив, ќе ги прави и евидентира УЈП, а граѓаните по електронски пат ќе проверуваат дали Управата точно ги пресметала и регистрирала податоците.

Обврската за поднесување годишна даночна пријава за граѓаните беше предвидена во Законот за персонален данок на доход, за кој Владата на вчерашната седница одлучи дека треба да се измени. Предожените измени влегуваат во собраниска процедура и ако пратениците ги изгласаат, тоа ќе значи укинување на оваа обврска која за многумина значеше чекање со часови пред шалтерите на УЈП, бројни пресметки и корекции по неколку пати.

Со измените во законската регулатива, годишните пресметки за персоналниот данок на доход ќе ги прави УЈП според податоците со кои располага. Обврска на граѓаните ќе биде само да ги проверат или да ги корегираат податоците наведени во даночната пријава. Проверката ќе ја прават по електронски пат. Граѓаните ќе добијат корисничка сметка и лозинка преку која ќе можат во кое било време да проверат дали УЈП точно ги пресметала и регистрирала нивните приходи од плата, дополнителни приходи, уплатите за данок на доход и сл.

Постојната законска регулатива, која сѐуште е важечка, предвидува дека обврска за поднесување годишна даночна пријава имаат сите граѓани кои во изминатата година освен плата или пензија оствариле и дополнителни приходи. Како дополнителни приходи се сметаат пари од кирии, авторски права, индустриска сопственост, исплатена дивиденда, капитална добивка од продажба на учество во капитал и недвижен имот.

Коментари

loading...
Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top