Какви сè измами се можни на денот на изборите


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Бројни злоупотреби прават политичките парти на денот кога граѓаните го остваруваат своето право да изберат кои претставници ќе учествуваат во власта.

Во намерата за освојување на власта партиите на денот на изборите прекршуваа низа закони. Така некои граѓани гласаа под закани дека ќе го загубат работно место, други беа принудувани да ги фотографираат гласачките ливчиња, имаше случаи на семејно гласање, бугарски возови, притисоци преку телефон или директно на врата во нивниот дом. Имаше и такви кои се согласуваа на изборен поткуп.

Овие случаи ги забележуваа набљудувачките организации. Тие посочуваат дека на секој следен изборен процес партиите употребуваат нови софистицирани методи за манипулација на волјата на гласачите.

Џабир Дерала од невладината организација „Цивил“ зборува што се случувало на последните изборни циклуси. На самиот ден на гласањето притисокот е извонредно голем, вели тој.

Во еден случај, на изборите во 2014 година, забележавме дека Избирачкиот одбор го извадил Избирачкиот список надвор на улица, на хауба на кола и таму ги заокружувале гласачите кои се појавувале. Избирачкиот одбор на глас ги чита имињата на гласачите што е нерегуларност, и исто така во неколку случаи дозволуваат некој да гласа во име на друг. Семејното гласање е забележано во низа случаи. Иако мислевме дека тоа е заборавена пракса, имаме еден случај во кој еден гласа за повеќе од 30 луѓе, вели Дерала.

Тој објаснува дека пред гласачките места партиите имаат тимови кои водат евиденција кој гласач дошол и како се однесува, дека има голем број кога граѓани кои добиваат пари за гласовите, а потоа мораат да покажат фотографија од ливчето.

Слични случаи има забележано и граѓанската органиизација МОСТ, која 15 години врши мониторинг на изборите. Оттаму велат дека на денот на изборите најчестите забележани злоупотреби се околу гласањето на болните и немоќни лица, кои гласаат еден ден порано.

Злоупотреби исто така со постапката на гласање на избирачи коишто не можат да гласаат сами и тоа се пред сè слепи и неписмени лица. Често имаме јавувања и за случаи на групно и семејно гласање, исто така и за читање на глас коешто официјално не е прекршок, меѓутоа граѓанската асоцијација МОСТ го смета како форма на притисок врз гласачите. Дополнително имаме и случаи во коишто се појавиле ливчиња од други гласачки места, или пак, фотокопирани ливчиња кои можат да укажат на злоупотреба при постапката на гласање, вели Теодора Поп Трајков од МОСТ.

Околу нерегуларностите на денот на последните избори во април 2014 година, Меѓународната набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР забележа случаи на затвореници кои иако имале валидни лични документи не им било дозволено да гласаат поради тоа што не биле вклучени во изборачкиот список. Организацијата изрази загриженост околу процедурите во остварувањето на правото на глас на немоќните лица и голем број на нерегуларности во некои општини и пробеми околу процесот на гласање.