Иванов за Magyar Hirlap: Нови предвремени избори се можен излез од кризата


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Партиите треба да го бараат решението преку одговорно однесување, а во согласност со Уставот на Република Македонија. Ниту едно решение не смее да го поткопа унитарниот карактер на државата и мора да биде во насока на заштита на државните интереси на Република Македонија. Се разбира, можно решение за надминување на ситуацијата се и нови предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе се изјаснат и за темите кои се наметнаа во постизборниот период, вели претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во интервју за еден од најпрестижните и најтиражните унгарски весници Magyar Hirlap.

Лидерот на втората партија според бројот на освоени мандати СДСМ наместо во рок од 10 дена, ме извести по 27 дена дека има обезбедено мнозинство во Собранието со поддршка на ситепартии на етничките Албанци. Од него побарав јавно и јасно да ја отфрли и осуди оваа платформа. Го потсетив дека македонските граѓани на изборите гласаа за реформи, а не за постизборна платформа на туѓа држава. Таквата јавна осуда, за жал, изостана. Оттаму, како Претседател на Република Македонија, порачав дека нема да определам мандат за секој оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзиниот суверенитет и независноста, вели Иванов во интервјуто, на прашањето за можен излез од политичката криза во Македонија.

На прашањето како ги оценува заканите од албанските настојувања во Македонија, претседателот Иванов изјави дека дел од барањата на партиите од албанскиот политички блок, се во судир со Уставот на Република Македонија и не соодветствуваат со реалната состојба во Република Македонија.

Дел од барањата содржани во оваа платформа зависат од статистиката и реалноста на терен, а во Република Македонија 14 години не е спроведен пописна населението. Без нов попис, не може да се бараат права што зависат од статистиката, вели Иванов во интервјуто, посочувајќи дека главната причина за продлабочување на кризата е Тиранската платформа, која стана услов за формирање на Влада.

Како Претседател не можам и нема да дозволам тргување со Уставот и државните интереси на Македонија и поигрување со чувствата на македонските граѓани, истакна Иванов во интервјуто за Magyar Hirlap.

По објавувањето на Тиранската платформа бевме сведоци на радикална реторика и изјави од високи државни функционери на Албанија и Косово, кои не соодветствуваат со сегашноста и со 21 век, туку со реториката од некои минати времиња. Од овие причини, неколку пати повикав меѓународната заедница јавно да ја осуди Платформата од Тирана, бидејќи оваа платформа ја дестабилизира политичката состојба и ги зголемува меѓуетничките тензии во земјата, вели Иванов, посочувајќи дека мешање во внатрешните работи на Република Македонија е поттик за реализирање на големо националистички идеи и претставува негативен пример и преседан, не само на Балканот, туку и пошироко.

Иванов во интервјуто се заблагодари на унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, кој меѓу првите покрена иницијатива со барање до Советот на ЕУ да ја отфрли Платформата од Тирана и да се осуди мешањето на странски премиер во внатрешните работи на Македонија.

Со оглед на мултиетничката структура на државите од Балканскиот регион и случувањата од блиското минато, Иванов порача дека неопходно е политичките лидери да внимаваат на реториката.

Република Македонија отсекогаш вложувала во унапредување на добрососедските односи. Албанија и Косово се наши пријатели и затоа е се потребни конкретни и заемни чекори во унапредување на меѓусебната доверба, вели Иванов, додавајќи дека во Република Македонија и претходно имало обиди за предизвикување на меѓуетнички тензии, но граѓаните знаат да препознаат што е манипулација, а што е нивен интерес.

Иванов во интервјуто за Magyar Hirlap говори и за улогата на Македонија во справување со мигрантската криза, како и за претстојните предизвици со кои се соочува државата во пресрет на најавите за втор мигрантски бран, пренесува Макфакс.

Ние се соочивме со парадокс, Македонија која не е членка на Европската Унија ја чува Европа од Европската Унија. Република Македонија е во Европа, но не е членка на ЕУ. Не сме членка ниту на НАТО, ниту на Шенген зоната, а сепак ја штитиме Европа од членка на ЕУ, која не успеа да ја контролира бегалската криза, туку едноставно ги пренасочуваше бегалците, вели Иванов во интервјуто.