Хан најави посета на Македонија на 26 јуни


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Еврокомесарот Јоханес Хан на прес-конференцијата со премиерот Зоран Заев во Брисел побара национален консензус околу евроинтеграцијата што ќе ги надмине политичките и етнички линии и наредни реформски чекори кои ќе ја придвижат земјата напред.

Тој нагласи дека политичката криза кај нас траеше предолго, дека сега земјата е пред нов почеток, но нема време за задоволство бидејќи има премногу работа што треба да се заврши.

Веќе за 26 јуни тој најави посета на Македонија и ја повтори најавата дека во земјата ќе дојде и Рајнхард Прибе со својот тим за да се посвети, како што рече, на прашањето околу системските слабости во владеењето на правото. Според него, предизвиците за земјата се големи, но и можностите, при што беше охрабрен од чекорите што ги презема новата влада за подобрување на односите со соседите.

Премиерот Заев нагласи дека повеќе од кога и да е на Македонија ѝ треба поддршка од ЕУ бидејќи приоритетна цел на новата влада е брзо започнување на преговорите за членство.Тој се заблагодари за сигналите што ги примил во тој правец во разговорите со Хан, шефицата на дипломатијата, Федерика Могерини, и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск. Клулното прашање што го отвориле било што треба да исполни Македoнија за да се тргнат условите за препораката за преговори. Притоа, тој од Брисел ја повика опозицијата да соработува во исполнувањето на реформите, нагласувајќи дека успехот во евроинтеграцијата ќе биде заеднички. Паралелно, како илустрација дека ги решава и проблемите со соседите тој соопшти дека е договорено неговата прва посета во странство како премиер да биде во Бугарија.

Сепак, ни Заев, ни Хан немаа прецизен одговор како ќе ги тргнат политичките блокади околу преговорите, при што Хан порача дека ако се влезе во разговорите за ова прашање со отворен ум сигурно ќе се најде решение за одење напред. Тоа, рече тој, треба да биде прифатливо за сите. Но, потенцираше Хан, регионот треба, конечно, да научи да наоѓа компромиси и да ја напушти логиката на победници и губитници. Притоа, јасно стави до знаење дека не гледа друг начин освен сите земји членки на ЕУ да се согласат со одлуката за почнување преговори со Македонија.

Според Заев, ако се има пријателски однос и добар пристап може да се најде решение за сè. Јас, најави тој, повеќе ќе се занимавам со европската иднина отколку со минатото, по што изрази надеж дека ќе се создаде позитивен амбиент , бидејќи дури и да почнат преговорите, Грција има 35 пати шанса да им стави рампа.