Актуелно

Груевски: Заев беше притеснет в ќош да ги потпише гаранциите


Добро е што со здружени напори, напори на граѓаните кои секојдневно 70-80 дена протестираа, напори на ВМРО ДПМНЕ и на нашата пратеничка група, напори на претседателот на државата, со здружени напори успеавме да дојдеме до ситуација кога Зоран Заев беше принуден, ставен во ќош да потпише еден таков документ, како што никој  кој досега барал мандат од претседателот, ниту имало потреба, ниту се помислувало да има потреба да го потпише, но имајќи ги предвид неговите ставови и ветувања, се покажа  неопходно, изјави лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски.

Коментирајќи го потпишувањето на гаранциите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кај претседателот Ѓорге Иванов, за доделување на мандатот за формирање Влада, Груевски рече дека „со потпишувањето се гарантира дека нема во иднина да се наруши унитарноста на државата, и тоа е одлично, тоа е многу добро, затоа што тоа и беше главната цел, да се спречи разградување на унитарноста на Република Македонија, нешто што гледавме од изјавите и на самиот Заев и во Сараево и во други негови изјави. Како и од изјавите на ДУИ, претставниците на ДУИ и на други партии од албанскиот блок, дека беше тргнато во тој правец“.

Според Груевски, македонската јавност добро го познава Зоран Заев, дека не може да му се верува на зборот, а ВМРО ДПМНЕ ќе остане со отворени очи и доколку Заев мрдне од патот за кој има потпишано гаранции, тие ќе реагираат жестоко.

Доколку измрда, тргне кон друг пат, различен од оној за кој даде гаранции и ветувања, ВМРО ДПМНЕ ќе реагира жестоко во склад на демократските можности и ќе се спротивстави, а верувам дека и сите други ќе го направат тоа. Така што, заклучокот е дека е одлично што дојде во ситуација да мора да го потпише ова и да го прочита пред сите граѓани, а исто така важно е да продолжиме да ја следиме ситуацијата за да не дојде до застранување повторно од овој правец, изјави Груевски.

Груевски кажа дека тоа  што се случувало во изминатиов период немало да се случи доколку Заев не правел  разни комбинаторики и ветувања за остварување на Тиранската платформа. Многу непријатности ќе беа избегнати доколку Заев ја прифатеше понудата на победничката партија на изборите ВМРО ДПМНЕ. Тој напомена и дека партијата има план и дека имаат подготвени чекори за во иднина.



Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!

Copyright © 2017 Лав Медиа Груп

To Top
Connect!