Грда навика и слика: Се трупа ѓубре пред подземните контејнери


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Подземните контејнери се уште не ја постигнаа својата цел, а главна причина за тоа e кабастиот отпад од фирмите и од рестораните што го блокираат пристапот до контејнерите, потврдуваат надлежните. Старите навики за неразумно ослободување од отпадот никако да исчезнат, иако поминаа четири години од ставањето во функција на овој вид контејнери.

Жител на општината Кисела Вода, вели дека е потребна итна акција од страна на надлежните, бидејќи покрај лошата миризба, проблем претставува и постојаното расфрлање на натрупаниот отпад од страна на уличните животни.

Како што велат од ЈП Комунална хигиена, проблемот со натрупувањето на отпадот пред контејнерите е поради непочитувањето на нивната функција, притоа нагласувајќи дека тие се поставени за домаќинствата, а не за фирмите.

Ана Марија Бранѓолица, портпаролка на ЈП Комунална хигиена, смета дека засега немаат регистрирано случај подземните контејнери да се преполни, па граѓаните да мораат да го оставаат ѓубрето пред нив.

На територијата на Скопје од почетокот на првата фаза на проектот во 2013 година се поставени 113 подземни контејнери на 40 микролокации во општините Гази Баба, Чаир, Аеродром, Кисела Вода и Центар. Повеќето од нив, вкупно 46, се поставени на 17 микролокации на територијата на општината Центар. Сепак, некои од општините што во моментов немаат поставено подземни контејнери покажуваат интерес за воведување на овој систем. Една од нив е и општината Карпош, од каде што истакнаа дека ги разгледуваат потенцијалните локации за изградба на подземните контејнери.

Извор: Нова Македонија