Гарет: Македонија треба да искачи висок рид за да почне преговори со ЕУ


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Претстои тешка задача за следната година Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ, вели амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Чарлс Гарет, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

„Треба да се исполнат реформите од планот 3-6-9, да се излезе од „заробената“, држава, да се адресира прашањето за името, вели тој. За пронаоѓањето на соодветно решение за името ќе бидат потребни тешки одлуки и вистинска политичка храброст“, додава амбасадорот.

Амбасадоре, по оценките од ЕК за напредокот на Македонија во спроведувањето на потребните реформи – од „заробена држава“, како што беше наречена, до каде е земјата сега?

Јасно е дека Владата е апсолутно решена да оди напред и да се справи со заробената држава и да ја унапредува реформската програма. Преземени се неколку корисни чекори, конкретни чекори напред. Но, се работи за многу долг пат за справување со заробената држава. Потребен е значаен напор на долг период. Потребна е реална програма на вклучување на граѓаните за тие да ги одобрат реформите. Исто така и граѓанското општество да се вклучи од страна. Тоа е маратон, не спринт.

Според вас на која од клучните реформи треба да се стави акцент?

Тие се јасно поставени во планот 3-6-9 и ние сме многу задоволни што и британската амбасада може да работи со македонските партнери на опсег на реформи кои ние веруваме дека се итни и важни и каде Британија може да донесе особена експертиза за корист на Македонија. Вклучени се области како јавната администрација, реформи на системот за разузнавање, нешто за кое беше доста спомнувано во минатата недела за време на посетата на Радмила Шеќеринска на Лондон и прегледот на стратешката одбрана. Но, секако има и многу други области, но овие беа предмет на разговорите меѓу Алан Данкан и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска во минатата недела. Така што ние ќе продолжиме да работиме на тие области. Но, како што кажав претходно патот е многу долг и заробената држава е дефинитивно реформата која мора да биде направена и е нешто што мора да биде адресирано. Но, е многу тешко конкретно да се дефинира.

Оправдан ли е оптимизмот на премиерот Зоран Заев, кој очекува Македонија да добие датум за пристапни преговори со ЕУ до јуни 2018 година?

„Да апсолутно. Мислам дека имате многу висок рид на кој треба да се искачите за да стигнете таму до средината на наредната година. Има многу што да се направи во планот 3-6-9, како и во заробената држава, секако треба да се адресира и прашањето со името. Ова се работи кои целосно и директно не се под контрола на Владата во Македонија, така што може да направите колку што сакате, но се уште зависите од луѓе да направат работи. Така што престои тешка задача, но е апсолутно правилно да се биде оптимист. Знаете ако не целите високо нема да постигнете големи работи“, истакна Герет за „Радио Слободна Европа“.