Еве колку „тежи“ нашиот пасош на светско ниво


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Македонија е на 84. место според рангот на „Паспорт индекс“, организацијата која ги истражува можностите на овие патни исправи на годишно ниво, а нашите граѓани без визи можат да патуваат во 108 држави. Според оваа организација, најмоќен пасош во светот е сингапурскиот.

Од земјите во регионот најдобро рангиран пасош е грчкиот на 23. место, хрватскиот 38., бугарскиот 41., српскиот е на 79. место, а полошо рангирани се албанскиот на 95. и косовскиот на 181. место.

Според најновите податоци на организацијата „Паспорт индекс“, најмоќен пасош на светот во моментов е пасошот на Сингапур, чии државјани можат да патуваат во 159 држави во светот без визи.

Организацијата „Паспорт индекс“, која ги истражува можностите на овие патни исправи на годишно ниво, наведе дека овој град држава го освои првото место откако Парагвај ја повлече забраната за Сингапурците, пренесува АФП.

Ова значи дека во просек 3,4 милиони луѓе, кои поседуваат сингапурски пасош, може да патуваат во 159 држави целосно без визи.

На второто место според пасошките погодности се наоѓа Германија, чии граѓани можат да патуваат во 158 држави без визи, додека на третото место се Шведска и Јужна Кореја.

Американскиот пасош се наоѓа се на шестото место заедно со Малезија, Ирска и Канада, а на последното место е Авганистан, чии државјани имаат пристап без визи во само 22 држави.

Организацијата „Паспорт индекс“ ги класификува пасошите од целиот свет врз основа на прекуграничниот пристап што го имаат сопствениците на пасошите, а е основана од компанијата од Канада „Артон капитал“.