Еве кој сè е уапсен утрово и по кого се трага во врска со крвавиот собраниски четврток


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Јавното обвинителство побарало приведување на полициски функционери, пратеници и граѓани кои овозможиле или учествувале во насилствата на 27. април. На листата се и организаторите на протестите „За заедничка Македонија“.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против триесет и шест лица поради основано сомнение за сторено кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во врска со настаните од 27 април во Собранието, соопшти Јавното обвинителство. Оттаму велат дека завршиле со предистражната постапка по преземање на сите дејствија за утврдување на фактите.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по преземање на сите дејствија за утврдување на фактите во врска со настаните кои се случија на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија ја заврши предистражната постапка. По разгледување и анализа на прибраниот доказен материјал, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против триесет и шест лица поради основано сомнение за сторено кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик“, се вели во соопштението.

Рано утрово, по налог на јавен обвинител, приведени се 36 учесници поврзани со упадот и насилствата на 27-ми април во македонскиот парламент. Полицијата утрово го привела Митко Чавков, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност во МВР. Тој не е единствен меѓу приведените поранешни или сегашни вработени во МВР. Обвинителството побарало приведување и на Митко Пешев, поранешен началник на одделението за специјални полициски операции, и на Душко Лазаров, началник во секторот за Јавен ред и мир.

Покрај нив, утрово биле приведени и пратеници и граѓани, за кои обвинителството по обемната предистражна постапка, имало докази дека со нивните активности овозможиле упад на демонстранти во зградата на парламентот и кулминација на насилството. Обвинителство побарало приведување и на организаторите на протестите „За заедничка Македонија“. Според полициски извори, дел од нив веќе се приведени, а по дел сѐ уште се трага, како на пример, по Богдан Илиевски („Бетмен велит“), кој беше еден од организаторите на протестите на „За заедничка Македонија“, а по нивното завршување влезе во освежениот Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓу приведените се и оперскиот пејач Игор Дурловски, актерот Владо Јовановски, учесник на протестите и еден од оние кои критичната вечер беа во парламентот, Горан Ангелов од т.н. Македонско патриотско здружение „Андон Јанев – Ќосето“ од Велес, пратениците Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов, (кои на снимки од видео – надзорот се регистрирани како ги отвораат вратите на Собранието за да влезат демонстранти), една пратеничка, поранешниот директор на ФЗОМ, Сашo Стефановски, и други. Се очекува сите да бидат донесени пред судија за претходна постапка во Кривичниот суд.