Есенските бои на чудесната Јабланица


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Четирите лица на природата кои ние ги познаваме преку четирите годишни времиња, сите се со свој посебен белег, карактер, колорит. А ние, луѓето, во обид да допреме до чистотата на истите, да допреме до изворната убавина, имитираме, копираме, очајно пробуваме да го најдеме во нас и да го извлечеме од нас она што никогаш не сме го имале во таква форма, во таква фундаментална појава. Или ако сме ги имале, одамна сме ги загубиле.

Притоа, често забораваме дека оригиналот, изворот на чистото природно лице ни е многу поблиску отколку што ни се чини. А сепак, така недостижен и невозможен за достигнување преку нашата креативна способност. Не значи тоа дека треба да се откажеме од креативниот порив. Само треба да бидеме свесни дека во совршениот начин (и веројатно единственото постоечко совршенство) на кој генерално функционира природата, ние сме уште една индивидуално несовршена алка. И токму затоа треба да ја перцепираме и доживуваме природата како нешто по кое не треба само да копнееме, туку и непосредно да го искусуваме како целина чиј дел сме и ние. Состојба и позиција од која сè полесно се оддалечуваме и, за жал, неретко и откажуваме.

Да се вдише, да се допре и прегрне со поглед чистата природна креација на формите, контурите, сенките, боите – потребата е исконска. Како некоја потрага по корените на неговата првобитна слобода и чувство за неограничена припадност на природата како наша прва, а веројатно и последна мајка. Еден таков порив и немир овој пат не однесоа на југозапад во нашата убава Македонија, во пазувите на восхитувачката и импресивна Јабланица.


А таа, да не пукне, не прими, не вдоми и не нагости од убаво поубаво. Ни ги наполни срцата со есенски радости, ни ги потопи погледите со уникатен спој на бои какви само природата може да ги расее и со нив да ја прошара нејзината земска појавност. Строга и горда во својата доминантна појавност и надмоќ, а сепак, толку блага, спокојна и кревка во својата срцевина, од каде што извира нејзината предвечна импресивност.

За појдовна локација го избравме уникатното Вевчани. Не ни можевме да одбереме поубав визуелен поздрав за претстојната планинска авантура од вевчанските изводи, кои со свежиот мирис, скокотливиот жубор и бистриот отсјај на водата не испрати кон својата прамајка.


Одлично марикраната патека која води покрај течението спустовите од изворската вода, не одведе лево од нашата замислена патека, кон жолто-зелените лавиринти на тожествената букова шума.

Околу Вевчанските извори, познат е Вевчанскиот случај е случај од 1987 година. Тогашната власт имала намера да ги каптира вевчанските извори, под изговор дека носи вода за жителите од соседното село Октиси, а всушност, намерата била водата да се користи за елитната викенд-населба Елен Камен, каде што се наоѓале вилите на тогашните челници на власта. На тоа се спротиставиле жителите на Вевчани со поставување на барикади не се дозволило да се постават водоводните цевки. Немирите ја достигнале кулминацијата на 7 август 1987 г., кога интервенирале специјални полициски сили, кога за првпат во тогашна Југославија биле употребени „електрични пендреци“.


Таму, во буковата шума, не пречекаа визуелни чудесии. Игра на сончеви зраци кои продираат низ дрвените горостаси, метаморфозата на нивната руба, повремено фасцинантните форми на дрвата, сенките кои не разладуваа и уште стотици ситници кои попатно се среќаваат.

На првото излегување од шумата, од чистинката преку која се упативме кон месноста Јанков камен, се подаде восхитувачки поглед на делот од Јабланица кој се издига над Вевчани. Таму, осамено, но гордо издигнат, се гледа Свети Спас (Горни).

Од чистинката која води кон Јанков камен како на дланка се подадоа и Струга, Охрид, дел од струшко поле и дел од синиот бисер Охридско езеро. Тој поглед кон оваа панорамска убавина ќе не следи во текот на поголемиот дел од планинската авантура. Секое свртување кон таа убавина не тераше да подзастанеме, да земеме воздух, да одмориме малку и да се наколкаме со живописна панорамска убавина.

Пристигнувањето на Јанков каме ни ги потврди пофалбите кои ги имавме претходно чуено за ова излетничко место. Убаво уредена околина која нуди можност за целодневно, па и повеќедневно уживање на ова место, ладна вода која ги храни закрепнува телесните потреби и сетила, тоа е она кое ќе ве импресионира доколку го посетите. Сепак, човечката негрижа, невнимателност и бескрупулозност оставаат и тоа како видливи траги, па загаденоста на местото е грд фактор кој ја расипува и нарасува убавината на истото.
Јанков камен

Природата и убавиот предел на ова место едноставно молат за внимание и грижа кон чистотата и одржување на незагаденоста на истите. Каптажата која го красии освежува природниот комплекс е само уште еден доказ дека човекот, доколку сака, знае и може да биде конструктивен и благотворен.

Каптажата на Јанков камен

Малиот одмор за момент не смири, водата од Јанков камен ни ги излади зажеднетите грла и мисли, па следејќи ја повеќе интуицијата отколку маркацијата, продолживме низ импресивната букова шума. Јабланица ни ја направи секоја чест, постилајќи ја патеката со пожолтено лисје за искуството и импресиите да бидат уникатни и незаборавни.
Пејзажите со кои не израдува прирпдата по излегувањето од буковата шума беа фасцинантни…игра на бои, мириси и форми

По извесно време поминато по планинскиот пат, и дел по макадамот кој води кон селото Горна Белица, пред нас се отворија пазувите на Јабланица во кои скрасено лежи ова прекрасно селце. Глетката која ја има пред себе, шумата над себе, каприте околу себе и чистиот воздух насекаде, ова село го прават едно од најубавите планински населени места кај нас. Иако повеќето (поточно, како што ни открија мештаните сите) куќи тука се во својство на викенд одморалишта на оние кои ги поседуваат, сепак, местото еднакво импресионира и привлекува луѓето тука да доаѓаат често.

Оттука, патот повторно не нанесе во буковите планински волшепства. Тука зборовите веќе почнаа да стануваат се поапсурдни, разговорот меѓу нас пополека стивнуваше, планината со сета своја убавина и моќ целосно презеде контрола над нашите сетила. Речиси во молк, и со спокоен од им се препуштивме на сите оние глетки и убавини кои не ’демнеа’ на секој чекор.
Се подадоа и карпите на Чума со Чумин врв

Карпите беа природен споменик кој цело време не потсетуваше дека природата е огромна, а човекот безначајно мал во споредба со нејзината грандиозност. Чума има прекрасен карпест ’ѕид’ од едната страна кој е невозможно да не застанете и да му се восхитувате. Допирот на истите со поглед е доволен медиум за размена на енергијата и моќта со која зрачат тие камени џинови предизвикувајќи чувство на возвишеност.

Од другата стана на карпестиот ѕид се наоѓа култното место Парумба. На вториот ден од Духовден, во црквичката Света Троица на ова место посветена на Светиот Дух, која се наоѓа на надморска височина од околу 2000 метри и до која може да се дојде единствено пеш, се служи Божествена литургија. Луѓето секоја година го посетуваат ова свето место на кое покрај манастирот тече вода само на овој ден, а која ја сметаат за лековита. Местото го посетуваат луѓе од двете страни на границата – и Албанци и Македонци. Секој со својата мака, молитва, вера и надеж.

Врисок на преливачки бои, игра на тонови, сенки, светлина, мешање на нијанси – Природата безмилосно ја имаше истурено својата раскошна палета врз секое ливче, секоја тревка, секое камче

А погледот…поглед за ’сите пари’ што би се рекло…сепак, овој и ваков со ниедни пари на светот не се купува…тој се доживува, се искусува, се достигнува, се заслужува

После подолго пешачење по угорните предизвици на Јабланица, конечно пред нас се подаде рамниот предел на оваа убавица кој лежи на самата граница помеѓу Македонија и Албанија. Лево пополека ги оставивме карпите на Чума и Чумин врв, а десно од нас се отвори оној последен, интензивно угорен дел кој води до нашата цел на ова планинско уживање – Црн камен и неговите два соседни врва.

Нормално, како што тоа наложува естетската потреба и природниот порив во нас, не пропуштивме да го поздравиме и гушнеме горниот тек на Беличка река со неговите мали, но ладни вирови и брзаци.
Дел од брзаците на Беличка река

По мало накачување кон Црн камен, рамниот дел кој се простира околу Беличка река измамува воздишки и со својата импресивна манифестација го изместува чувството за време кое ќе го минете додека му се наситувате со поглед на овој предел.

Но, бидејќи ние можеме колку сакаме да му пркосиме на времето, тоа е главниот водич во целокупната игра наречена ден/ноќ, па затоа, по интензивната угорнина која води до комплексот од трите врва на овој дел од Јабланица, побрзавме да видиме што ќе ни раскаже планината од нејзината друга страна.
Поглед кон Вевчанска локва и дел од струшко поле

’Ах!’…тоа е сигурно едно од првите нешта кое ќе ви се откине од средето на вашето битие, кога пред вас ќе се рашири панорамата од другата страна на Јабланица. Под вас Вевчанска локва, падини, голини, шуми, карпи, спили…импресии недоброј…природата кога дава и разубавува, не се штеди. Во далечината планини, масиви, врвови…на радоста и уживањето им нема крај.


Полека,но сигурно, со дикат што викаат стари, се искачивме и на Црн камен, гордоста на Јабланица, највисоката точка на оваа планина. Од 2.257 метри надморска висина на која завршува материјалната појавност на природата која оттука се претвора во апстрактна материја што се сплотува со вечноста и бескнечноста на сеприсутната опостојба на космосот, глетката е неверојатна. Духот подзапира со немирот и неспокојот, мислата е отсутна, престанува да биде активна, телото откажува послушност, самото те тера да се смириш, да станеш едно со Врвот и со космосот. Како своевиден портал на енергијата на духот и материјата која струи низ тебе.

Се будиме од занесот на врвот, се будиме од спокојот на Врвот. Погледот лута…лево, Ајдарова ливада, Невестин гроб, сртови, планински вериги, врвови…

Па гордиот и надмен Стрижак, со остриот Пупуљак под него…Јабланица е прекрасна…величенствена…уникатна…со сигурност, една од најубавите планини кај нас.
Таму некаде…во недоглед…убавината не му поставува граници на погледот
Нема крај…нема крај…

Погледот кој од Црн камен се отвора кон Струга, Охрид и Охридското езеро е она што неповторливоста на искуството и местото ја прави целосна, комплетна. Времето веќе добива друга димензија. Се мери во со поглед испиени води, погалени планини, лабински приказни кои прелетуваат низ мислите, струшки легенди и преданија кои лебдат над околината. Убава е Македонија…

Сепак, ноќта полека почна да се најавува. Мракот почна да ги постила своите черги по планинските падини, врвови, шуми и реки. Боите пополека се претпопуваа со неговото височество и стануваа една боја. Игривиот предел почна да добива темна димензија. Да, ноќта почна да ја најавува својата улога во вечниот дуел, но едновремено и тандем, Ден-Ноќ. За последно, со зениците ја впивме импресијата која зрачеше од езерото на зајдисонце. До следното видување, наша прекрасна Јабланица…до следните заеднички прегратки, уживања и мераци.