Ерата на јагленот завршува: Соларната е енергетската иднина на светот


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Соларната енергија моментално е поевтина од електричната енергија на мало во сите поголеми градови во Австралија. Се очекува лансирање на околу дваесет нови соларни проекти во оваа држава во 2017 година.

Овој тренд од Австралија се рефлектира и на глобално ниво, со тоа што цената на соларната енергија паднала за 58 насто глобално во последниве пет години, а соларната индустрија моментално вработува повеќе луѓе во светот отколку индустријата за јаглен, пренесува Иновативност.мк.

Според извештајот на непрофитната организација Climate Council од Австралија кој беше објавен неодамна, соларната енергија официјално е поевтина отколку електричната енергија кога се плаќа на мало. Извештајот исто така тврди дека до 2040 година, цената на соларната енергија ќе паѓа и до 70 насто, а колку повеќе се намалува цената, толку повеќе ќе расте употребата.

Сведоци сме на се поголемо производство на индустриска соларна енергија, како во државава, така и во светот. Болниците, аеродромите, фарми, како и низа други бизниси без отпор ја прифаќаат попаметната и почистата енергија, изјавил Грег Борн, советник во Climate Council.

Скоро 7.000 соларни батерии биле инсталирани низ домовите во Австралија минатата година, а оваа бројка се очекува да се зголеми три пати во 2017 година. Непрофитната организација во својот извештај има наведено дека фармите за производство на индустриска соларна енергија веќе овозможуваат поевтина енергија отколку плантажите за јаглен.

Планирано е да се изградат уште дваесет соларни фарми низ Австралија кои ќе произведуваат дополнителни 3.700 мегавати на соларна енергија, што е доволно за напојување на 600.000 домови.

Наплив на соларна енергија

Транзицијата кон обновлива енергија не само што е потребна поради се повидливите негативни ефекти од климатските промени, туку веќе прави и економска смисла.

За држава како Австралија, каде сончевата светлина ја има во изобилство, поддржувањето на растот на соларна енергија креира повеќе работни места и нови индустрии. Повеќе од 8 000 жители на државата работат во соларната индустрија, почнувајќи од продавачи до производители, електричари и инсталатори. Според проекциите, се очекува до 2030 година само во Австралија да има 28.000 нови работни места во оваа индустрија.

Глобално, околу 2,8 милиони луѓе работат во соларната индустрија, што е многу повеќе од работните места кои постојат во индустријата за јаглен.

Ерата на јагленот полека завршува, а поголемиот дел од глобалните инвестиции се свртија само кон обновлива енергија, стои во горенаведениот извештај. Соларната енергија е поевтина, без трошоци за гориво, не загадува и е клучот за иднината на многу држави.

Покрај Австралија, држави како Кина, САД и Јапонија се лидери кога станува збор за искористување на обновлива енергија, со тоа што и други држави низ светот полека но сигурно се приклучуваат во следењето на трендот. Една студија од 2015 година тврдеше дека САД може да биде целосно напојувана од обновлива енергија до 2050 година. Во 2016 година, скоро целата струја во Коста Рика беше генерирана користејќи обновливи извори. И Германија, во обидите да се откаже од нуклеарна енергија, се повеќе се свртува кон индустријата на обновлива енергија.

Со ваквите индивидуални напори, како и некои глобални како потпишувањето на Парискиот договор, се надеваме дека ќе станеме сведоци на поконкретно позитивно влијание врз околината.