Дедо Петре ќе сечи шума за да гради манастир – локалното население се буни


Одиме јако! Не чека ЛУД викенд! ↓↓↓


Преспанско-пелагонискиот владика Петар повторно ги разбранува духовите во јавноста, особено кај дел од жителите во рамки на епархијата под негова ингеренција.

Владиката Петар има намера да исече 80 хектари висококвалитетна дабова шума во Ресенското село Јанковец, а селаните и екологистите протестираат, пренесува Нова ТВ.

Тој со парите од продажбата на дрвата планира да гради нов манастир „Успение на Пресвета Богородица“, но прво да го урне стариот затоа што бил дотраен.

– Доколку жителите обезбедат 50 или 100 илјади евра за црквата ние нема да ја сечеме шумата. Но таа е заболена и за неколку години ќе се исуши. Ако не ја исече манастирот, ќе ја исечат дрвокрадци, па ќе немаме ниту шума ниту црква. Сечата ќе биде законска – вели владиката Петар.

Граѓанската иницијатива „Еко Герила Преспа Ресен“ ја поддржува иницијативата на локалното население за да се спречи сечата на шумата кај манастирот „Успение на Пресвета Богородица“.

Екологистите ја потенцираат заштитната улога на шумата од можна ерозија при поројни дождови.

– Нашите аргументи во однос на ова прашање се поради тоа што шумите влијаат врз климатските промени, нивното потенцијално уништување ќе има влијание врз промена на микроклиматските услови на ова подрачје. Во Преспа години наназад се јавува еден невообичаен феномен на појава на мраз во несоодветен период во годината, што има погубно влијание врз приносот од овошните насади, кој за голем број на жители на нашиот крај се единствен извор на егзистенција – порачуваат екологистите.

Исто така од овој крај локалното население обезбедува и дополнителен приход, од собирање на шумски плодови, кој што многу значи во условите во кои преживуваат луѓето, донесени на работ на егзистенција.

Манастирот„Успение на Пресвета Богородица“ во близина на Ресенското село Јанковец е православен женски манастир на МПЦ– ОА, кој е дел од Преспанско-пелагониската епархија.