Екстра

Будење на природата: Пролетна рамноденица на Кокино


Во 2001 година во Република Македонија, кај Татиќев Камен во општината Старо Нагоричане, беше откриен археолошки локалитет од бронзеното доба со огромно значење за следењето на развојот на човековата цивилизација. Пронајдените артефакти во археолошките кампањи, како и спроведената археоастрономска анализа во годините кои следеа, покажаа дека локалитетот ги има сите карактеристики на митска света планина, но и на древна опсерваторија. Денес овој локалитет е познат под името Мегалитска опсерваторија Кокино или едноставно Кокино.

23.3.kokino-ramnodenica0

Преку седумте маркери кои се наоѓаат раштркани меѓу строгите и врвични карпи на Кокино, пред речиси 4.000 години, поточно околу 1.800 година пред нашата ера, древна цивилизација која опстојувала во оваа околина ги набљудувала промените на небото, поточно изгревањата на сонцето и месечината во одредени периоди од годината – пролетна и есенска рамноденица, летна долгодневица и зимска краткодневица. Исто така, низ тие маркери биле набљудувани и отклонувањата на месечината преку кои било забележано дека во тој период, месечината го повторувала својот пат на небото по идентична траса на секои 19 години.

23.3.kokino-ramnodenica00

Дека навистина станува збор за маркирање на местата на изгревањена Сонцето и Месечината покажуваат и документарните фотографии на изгревање на Сонцето над камениот маркерво денот на летната долгодневица. Заради прецесијата на земјината оска на ротација денес Сонцето изгрева малку подоле и полево од маркерот, но токму тоа е доказ за прецизноста на поставениот камен маркер, затоа што овие отстапувања ги предвидува и егзатната астрономска анализа. Ваквите факти ги уважи и Американската вселенска агенција НАСА и во 2005 година ја рангираше Мегалитската опсерваторија Кокино на 4-тото место на листата на стари опсерватории во светот.

Да се биде дел од ова астрономско, но и духовно доживување (треба да се потенцира дека пред речиси 4.000 години населението на ваков начин го мерело времето, но и животот на својата опстојба) не е само привилегија за која не е потребен голем напор (треба само на еден од овие денови да се отиде до Кокино рано наутро), туку и инспирација која ги полни духовните сфери со митска енергија. Поради тоа, екипа од петмина ентузијасти и непоправливи авантуристи, решивме и да ноќеваме на Кокино, со цел што поавтентично и покомплетно да го доживееме целиот тој ритуал. Вака некако, низ фотографии и коментари, го доживеавме целиот тој астрономско-духовен ритуал кој го облагородува духот, збогатен со изворната енергија на митските карпи од Кокино.

23.3.kokino-ramnodenica1Вдомување во раната ноќ на северната платформа на Кокино – првично поклонение на источното небо и мераци во ноќевањето на древната тераса од Татиќев камен.

23.3.kokino-ramnodenica2Ноќен поглед на дел од мегалитските маркери преку кои пред речиси 4.000 години се мерело времето…се мерел животот.

23.3.kokino-ramnodenica3Предизгревна синевина – спокојно утринско студенило на Кокино, во очи изгревот кој ќе ја означи пролетната рамноденица.

23.3.kokino-ramnodenica4Источното небо почнува да зоврива во чест на новото прерождение на Природата.

23.3.kokino-ramnodenica5Она за кое дојдовме, за кое опстојувавме и постоевме на Кокино. Точно на конкретниот маркер за пролетната и есенската рамноденица (нормално, поради остатпките на земјината оска, оваа појава не е визуелно прецизна од астрономската платформа, па мора да се „бара“ конкретно место). Духот на Сонцето го буди поривот на Природата која не облагороди со уште една првична и врвична иницијациска прегратка во својот прерожденички возвис.

23.3.kokino-ramnodenica6Утринската сончевина ги оплодува строгите карпи на Кокино.

23.3.kokino-ramnodenica7Контрастни дразби – рамноденичните сончеви зраци и темничните мегалитски врвичности. Силуетата на Поетот е гратис во композицијата.

23.3.kokino-ramnodenica8Утринска синестезија на карпестата енергија и стремежот кон небесната недофатимост.

23.3.kokino-ramnodenica9Разгледница под Кокино – фантастичен поглед до недоглед.

23.3.kokino-ramnodenica10Поглед на јужната, астрономска платформа, со престолите.

23.3.kokino-ramnodenica11Јужната платформа во крупен кадар

23.3.kokino-ramnodenica12Вгордеана торжественост – митските обредни престоли на Кокино.

23.3.kokino-ramnodenica13Бела пролет на Кокино

23.3.kokino-ramnodenica14Жолта пролет на Кокино

23.3.kokino-ramnodenica15Пролетта дефинитивно долета

Фотографии и текст: Александар Војнески


loading...
Click to comment

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!

Copyright © 2017 Лав Медиа Груп

To Top