Актуелно

Битола ја откажа Новогодишната прослава – ќе има програма само за најмладите!


Хуманоста и забавата за најмладите, на крајот на 2016 та, ќе ја испратат старата и ќе ја дочекаат Новата година во Општина Битола. Иако, општината секоја година, организираше спектакуларен дочек на новата година на Плоштадот Магнолија, притоа исполнувајќи ја програмата со познати македонски поп, рок и фолк изведувачи, оваа година околу еден милион денари средства предвидени за вечерната програма збогатена со огномет и традиционалниот новогодишен коктел во организација на општината, ќе бидат донирани на оние на кои им се најпотребни. Сепак, за најмладите, како и секоја година, останува неколкудневната детска програма:

„Ние одлучивме, во предновогодишниот дел, неколку дена да има детска програма во која што децата повторно ќе можат да се забавуваат со ѕвездите на Тра ла ла и Си-до и уште четири нови детски претстави за Нова година и Дедо Мраз. Но, вечерта на 31.12 нема да се одржи централната прослава, односно финансиските средства кои што се наменети за таа вечер ќе бидат пренаменети. Ќе му предложиме на Советот на Општина Битола, каде да одат дел од средствата кои се околу 1 милион денари. Еден дел, исто така, сакам да предложам да одат во Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор и глас за да направат една специјална сензорна соба која воопшто не е ефтина, а другиот дел да одат за социјалните категории, наши граѓани кои имаат здравствени, економски, финансиски проблеми. Покрај вечерната програма, оваа година нема да се одржи и традиционалниот огномет и традиционалниот коктел кој Општина Битола го прави секоја година. Ова е најдобриот начин на кој што можеме да ја заокружиме оваа 2016 година, која што по многу работи би сакал колку што е можно побрзо да ја заборавиме, а 2017 да ни донесе повеќе радост, повеќе среќа, многу здравје и успеси на сите. Убеден сум дека на крајот на 2016 година, сите ние кои што живееме во Република Македонија ќе извлечеме добра поука. Имавме тешки лекции кои што ги поминавме, а убеден сум дека на крајот ќе извлечеме поука, ќе бидеме попаметни, за да можеме прогнозите, заложбите, размислувањата активностите што ги планираме во 2017 година да бидат реални, за да донесат вистинска среќа, вистинска радост за сите наши граѓани. Нека ни е среќна Новата 2017 година и Божиќните празници“, изјави градоначалникот на Општина Битола, д-р Владимир Талески.

Детската програма на плоштадот Магнолија ќе се реализира од среда 28.12 до сабота 31.12, од 11.30 до 15.30 часот, а истата опфаќа музичко – поетски перформанс „Новогодишен колаж“, музички блок со настап на децата од музичките фестивали „Си-до“ и „Тра ла ла“, како и новогодишните детски театарски претстави „Вистинскиот Дедо Мраз и Лажните Дедо Мразовци“, „Пинокио“, „Најубавиот подарок“ и „Подарок за Дедо Мраз“. Програмата ќе се реализира според распоредот објавен на веб страницата на Општина Битола www.bitola.gov.mk.

Коментари

Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top