Бистра Планина – тивката Меденица и гордиот Карбула


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Релативно зарамнет масив на млада верижна планина, со рашткрани врвови високи над 2.000 метри надморска висина, скрасена во срцето на западниот дел од Македонија, во вечен дијалог со Крчин, Дешат, Кораб, Шара, Стогово, мавровските убавини, гордост на мијачкиот регион – таа е Бистра, вечно убава и убаво вечна.

Кога ќе посакате да ја шетате Бистра Планина (сигурно ќе посакате да посетите ваква убавина), наша препорака е тоа да го направите со кинис од китното Галичник, кое е удобно скрасено во топлата мајчина пазува на бистрата планина. Не дека турата која тргнува од мавровската страна е помалку возбудлива, раскошна и убава, само потребна е поголема физичка подготвеност бидејќи е подолга, доколку сакате да ги посетите двете врвни гордости на Бистра – моќниот, женски принцип Меденица и строгиот, машки принцип Карбула – двата највисоки врва на оваа планина.

Го оставаме Галичник под и зад нас, кинисуваме нагоре, кон карстното Говедарничко поле од кое се отвора убав поглед кон сртот кој води до Меденица

Нагоре, лево фрламе поглед кон Мал Крчин

Карстното Говедарничко поле, таму назад, малку зад видливиот срт, не чека Меденица

Бистра со срдечност, благородна и гостопримлива, ќе ве пречека во своите прегратки, давајќи можност безрезервно да уживате во сиот нејзин раскош.

Еден од гордите растителни синови на Бистра

Падини кои будат немир и спокој во исто време


Нагоре, пополека, со сигурен од, забрзан здив и бистри мисли, накачуваме кон сртот кој извивачки ќе не донесе до Меденица. Аурата и енергијата кои се шират насекаде околу нас секоја секунда ја прават посебна, единствена и возбудлива.

Таму назад, зад сртот кој се извива пред нас, Меденица во за нас несфатим космички танц со облаците

Крчин, со Голем Крчин во облаци…Ростуше, Велебрдо и Битуше во подножјето

И Дешат со Веливар…долу десно, ѕирка Требиште


А кога пред вас, во еден момент, ќе се извиши гордо осамениот Карбула, тогаш чекорот сам од себе подзапира, духот се вознемирува, срцето полека го смирува својот забрзан ритам, очите восхитено се шират пред торжествената глетка, а целото битие ја застанува својата опстојба и настројба за должно да го испочитува и да ужива во моќниот дијалог кој започнува со планинскиот горделивец и кој немо ќе го беседи за сето време додека битствува на Бистра.

Со кротки чекори, по мекиот и падинест срт кој се врвули пред нас, кинисуваме кон Меденица


Врв со женски принцип, како што љубиме ние да си го нарекуваме. 2.163 метри надморска висина – Меденица, моќна, тивка, но и немирно своја, гордоста, срцето и духот на Бистра Планина. Кога сте на Меденица ве обзема чувство дека сето она околу вас е запрено во еден вечен миг на перманентна опстојба и настројба исполнети со задоволство, спокој, мирољубие, благи мисли и чиста вечна глетка.


А кога ќе го раширите погледот по целата панорамска глетка која ви ја отвора Меденица, ќе ви станат јасни, сфатливи, осознаени и оправдани сите епитети и пофални зборови кои нашата човечка маленкост може да ги изрече со ограничената експресивна моќ на јазикот.


Убавината тука има една, универзална појавност која во целосно разнолични нијанси и форми се умножува и се прекршува во безброј лични лица на природата. Гласниот молк кој извира од планинските падини го сплотува човечкиот дух со трепетот на тревките, громкиот шепот на карпите и брановидната хармонија на падините

После искусувањето на моментот на вечноста врз Меденица, со уживање се симнуваме по подмеденичките падини, во засекот каде патот продолжува да не носи кон вгордеаниот Карбула

И додека спокојни и ведри искачуваме кон Карбула, зад нас, грижливо и верно волна, ни чува грб Меденица, да не би во момент на желба за раскош се завртиме зад нас и останеме без парче убавина

Бранови од ломна убавина на сите страни


Близок, непосреден дијалог на погледот и стамениот Карбула, гордо осамен и масивен, строг и непоколеблив, го исполнува духот со буеж од возвишение, радост, импресии и целосна сплотеност со жестоката убавина. Вистински примерок за машки принцип на планински врв, уникатна убост.

Стрмоглав поглед од под Карбула – Ростуше, Велебрдо, Битуше и Требиште

Поглед од врвот Карбула – миг во кој природниот обилен дар понира во вас преку секој атом од вашите зеници, момент на откровение во кој осознаваме дека мирот и спокојството за нас, кои тогаш стоиме покорно, но и гордо на врвот, секогаш ќе биде достапен само преку постојаниот немир и копнежот за „вечно пак“ таму горе, таму над нас

Сртот кој се извива во продолжение, под врвот

Меденица пред и во очите, во надземски дијалог со Карбула, тука, сега и засекогаш

Пасторална планинска идила – стадо овци на падините под Карбула


Му велиме довидување на Карбула, па со добра мисла за повторно средба, игриво го напуштаме, симнувајќи се кон преслапот кој ги дели и спојува истовремено со Меденица, полека кинисувајќи кон Галичник.

Уште едно од безбројните паричиња убавина кои ве следат на сите страни додека сте на Бистра

Вистинските господари и цареви на падините од Бистра – Шарпланинците и останатите овчарски кучиња, гордоста на бачилата и спокојните овчари

Кон Говедарничко поле кое се отвора пред нас, задоволни, исполнети и среќно подизморени, со мирни мисли и ведар дух

Восприемањето на Бистра е дразба за сите сетила. Ќе ве направи поблагородни, поблиски до природата, поедноставни, повозвишени и попризмени едновремено. После Бистра ќе бидете друг човек, далеку поголем, но и попонизен пред примордијалната доминантност на природата од оној кој кинисал во осознавање и сплотување со истата. Ќе бидете поубави, исто како и планината во вашите очи.

Говедарничка карпа – будниот и вечен стражар на Галичник кој грижливо бдее над селото

Фото и текст: Александар Еленин