БЕСА и Алијанса за Албанците најавија дека нема да соработуваат со мандатарот


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Две од страните кои ја потпишаа платформата на Албанците, Алијансата за Албанците и Беса веднаш по доделувањето на мандатот за состав на новата влада на претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, најавија дека нема да соработуваат со него.

Зекирија Ибраими потпретседател на Беса, изјави дека неколку пати кажале дека нема да одговараат на ниту една покана од Никола Груевски за каква било комбинација за формирањето на новата влада. На прашање дали ќе коалицираат ако се прифатат нивните барања од Беса се децидни дека не станува збор за какви било услови.

Уште од старт не можеме да зборуваме за исполнување на какви било услови затоа што ние јасно истакнавме дека во идната влада не треба да не бидат опфатени лица кои што се предмет на истрага на СЈО, каде што по се изгледа Груевски е клучниот човек, изјави Ибраими.

Алијансата за Албанците нема да учествува во составувањето на новата влада ако мандатор е Никола Груевски, осомничено лице од СЈО, категоричен е Зулфи Адили од Унитети, партија која е дел од Алијансата за Албанците во изјава за „Фокус“ по веста дека Иванов денеска ќе го додели мандатот на лидерот на ВМРО ДПМНЕ.

Адили тврди дека во Унитети нема промена на ставот поткрепен и во Платформата што ја поддржаа партиите на Албанците, која е основа во преговорите за формирање на новата влада.

Весел Мемеди, лидер на НДП, партија која исто така е дел од Алијансата за Албанците, пак вели дека за нив најбитна е Платформата.

Арбен Таравари секретар на Движењето за реформи-ДПА вели дека се изненадени од денешното доделување на мандатот, бидејќи, како што додава, во Уставот се наведува дека мандатот се доделува на тој што успеал да обезбеди 61 пратеник односно мнозинство.