Екстра

Бакнеж на ноќта и денот на Долна Бабина Дупка и тивката висост на Марина Рупа


За Долна Бабина Дупка, за Солунска Глава, за околната соголена врвична убавина и за Јакупица, генерално, веројатно не треба да трошиме многу епитети и пофални зборови. Кој бил – знае. Но, често, многу често, после враќањето од планина, наталожените емоции, импресии, чувства и мисли, бараат стерна од најсредето на човечката настројба, за да ’рзнат со незадржлив импулс во форма на пишана исповед за убавините кои се пиеле со сите сетила.

Водопадни радости

Шумска мистика кон Чеплес

Маглични драми на самрак кај Долна Бабина Дупка

А кога човечката духовна енергија ќе дојде во интеракција со гореспоменатата природна раскошност, дразби и неопишливо убави пејзажи, импресиите надминуваат секаков молк на мислата, спокој на душата и смиреност на најсредето во човека. Тогаш зборовите сами течат, а пристите се само послушни слуги кои ги пренесуваат во прословен формат сите насобрани убавини во сите сфери на човековата естетска, духовна и мисловна сфера. И така се раѓа текстот преку кој се транспонираат сите споменати импресии во визуелно-текстуален формат.

Небото и ѕвездите се сведоци на вечната љубов на ноќта и денот под Солунска Глава

Обденски имрепсии – прегор на Нежилови Стени од изгрејсонцето

Поглед за будење кој не го плаќаат сите пари на светот

Кога сте на Долна Бабина, кога пред вас се издига највозвишената планинска сцена во Македонија, кога природната убавина се населува во секој агол од вашите зеници, ги исполнува до неиздржлива радост вашите очи и ве тера на ненадеен восклик од мерак, тогаш знаете дека целосно сте се посветиле на предизвикот наречен Солунска Глава. Од Солунска сигурно сте виделе мал милион слики и да, тука нема да ја пропуштиме можноста да го изразиме нашето незадоволство и одбивност од онаа бодликава безбедносна ограда која (засега) трајно не одделува од врвичното искуство и ни го скратува врвенствениот чекор врз овој врв.

Изгревен погал на Нежилови стени – ноќта и денот се љубат на Долна Бабина Дупка

Изгрејсонце на чии зраци јава животородната преродувачка енергија на денот – обден од кај Бегови Вирови

Маглична драматургија

Магла го облева Азот

Солунска е иницијација, Солунска е повторувачки предизвик кој нема да си објасните зошто постојано и постојано ве враќа кон неговата достојност и гордост, кој ве тера да си ги повторувате истите или слични прашања додека го искачувате, притоа секогаш со различни и секогаш со повозвишени чувства од кои изникнуваат нови и нови одговори. Перманентно преиспитување на себството. Солунска е првенствена врвичност која секогаш одново ви се случува без престан од самото тргнување, посебно од Чеплес, до самиот врв.

Поглед кон Солунска Глава од гребенот кон Марина Рупа

Природата слика со најживописни бои

Фантом на патот за Марина

Поглед кон даутичкиот крак на масивот Мокра

Не, овде нема да пишуваме за оваа епицентрално вгордеана врвна величенственост на Јакупица. Овие ниски и секогаш недоволни зборови ќе ги посветиме на една друг врвичен каршилак на Солунска, на врвенствениот гребен од спротива, кој импресивно финишира со импозантната Марина рупа. Блага, горда, пркосно отворена кон небесниот недоглед, убава, многу убава и прегратно раширена кога сте над неа – тивката возвишеност на Марина рупа е еден од вечните собеседници на Солунска.

Магла и бранови од врвови

Море од магла и попатна врвичност кон Марина Рупа

Даутица со своите врвични гордости – Даутица и Бел Камен

На работ од Солунско поле, со поглед отворен кон плавничките и дауитичките планински дразби, со позадински панорамски импресии кои, преку прилепските врвови на Бабуна и Селечка, допира до граничните планини на македонска територија на југ и југо-запад, Марина Рупа е женскиот принцип на Јакупица. Таа е изворот на планинската дражеста шармантност и романтичност, на природната висинска експлодирачка енергија која ја гали и облагородува човечката нарав, комуницирајќи со истата преку физичките и појавни предизвици.

„Маркациајта“ на женската врвичност над Марина Рупа

Марина Рупа – раскошна, импресивна, мистично тивка

„…занесен молчи“ – хармонија на духовниот дијалог со Солунска Глава

Тимот кај Марина Рупа

Кога седите на извисот над Марина Рупа и со поглед ги пиете древните енергии на Солунска карши вас, тогаш и вселената придонесува во устројувањето на таа идилична и вонвременска тријада на врвот, духот и бескрајот. И тогаш сите минати, сите претходно качени и сите идни врвови пред вас и во вас, се спојуваат во моќта на хармонијата низ која се сплотувате со планината, со животот, со космосот. Сето друго е само кокетирачка живописност на земјината убост која, за наша среќа, ја имаме на дофат, секогаш да не исполнува со нови питорескни претстави на префинетата демијуршка рака на природата. На крајот секогаш останува она Мухиќевото „За сè друго – занесен молчи“.

Епска импресија на спуст кон Долна Бабина Дупка

Текст и фотографија: Александар Еленин

Извор: edinak.com

Коментари

loading...
Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top