Антикорупционерите си земале пари за патни трошоци со лажни налози


Одиме јако! Не чека ЛУД викенд! ↓↓↓


На членовите на Антикорупциската комисија им се исплаќале патни трошоци затоа што доаѓале на седници, а исплата се вршела врз основа на неверодостојни патни налози, објави порталот СДК.мк.

Внатрешната ревизија на регуларноста за плати и други надоместоци на Држвната комисија за спречување на корупција (ДКСК) покажала дека некои од членовите воопшто не доаѓале на работа туку доаѓале само кога имало комисиски седници, иако тие се вработени лица на кои им се исплаќа бруто плата и секој ден треба да доаѓаат на работното место, а биле поднесувани по три патни налози за ист ден, односно дека член на комисијата истиот ден бил во странство и на седница на комисија.

Ревизијата се однесува на составот на Комисијата со претседателот Игор Тантуровски и членовите Фарие Алиу, Горан Миленков, Жаклина Дамческа, Најдо Спасевски, Сузана Таскова Аџикотарева и Сејди Халили, кои се на оваа функција во ДКСК од април 2015.

Внатрешниот ревизор открил ненаменско трошење на буџетските средства преку сериозни недостатоци во исплатата на плати, дневници за службени патувања, но најголеми злоупотреби се во делот на патните трошоци, односно користење приватни возила за службени цели. Ревизијата покажува дека членовите на Комисијата не се евидентирале кога доаѓаат на работа, туку само кога имале седници бидејќи тогаш се водел записник. Некои од членовите од Скопје воопшто не доаѓале на работа. Тие што се од внатрешноста доаѓале на седница на комисии, но за тоа им се исплаќале патни трошоци.

-Била вршена исплата врз основа на неверодостојни патни налози, при што ненаменски се исплатени буџетски средства за надомест на трошоци за сопствено возило кои не се засноваат на веродостојна сметководствена документација, стои во извештајот.

До 2015, на членовите на Антикорупциската комисија не им се исплаќале патни трошоци затоа што надоместок за вработени лица е укинат во 2009 со воведување бруто плата. Еден член на Комисијата се обратил со барање до Собранието, односно до Комисијата за избори и именувања кога претседател бил Илија Димовски, барајќи да им бидат одобрени патни трошоци според Законот за плати и други надоместоци на избрани и именувани лица. Таа комисија одлучува дека на антикорупционерите им следуваат патни трошоци и ДКСК веднаш им исплатува околу 5.000 евра (330.226 денари) за ретроактивни трошоци.

Ревизорот вели дека „во наведените законски и подзаконски акти ревизијата не најде одговор на прашањата зошто членовите на комисијата именувани лица, кои остваруваат плата согласно Законот за исплата на плати, добиваат надомест за трошоците за користење на сопствени возила во деновите кога доаѓаат на работа, односно кога се одржува седница“.

„Се констатира дека налозите формално правно не се пополнети, односно нема датум за поднесок на патниот налог, потпис на подносител на сметка, одобрил ликвидатор, одобрил наредбодател, исплатил благајник и лице што примило надоместок, што укажува дека системот на внатрешна контрола за конкретните исплати не функционирала“, стои во извештајот. На патните налози биле прикачени само сметки од патарини.

Како неправилност ревизорот го посочува и случајот кога еден член на комисијата има поднесено три патни налози во ист ден и тоа: патен налог за дневница за службен пат во странство, патен налог за посета на седница на комисијата со користење сопствен превоз и патен налог за службен пат во странство со сопствен превоз. Ревизорот открил дека времето на завршување на седницата на комисијата не се поклопува со времето кога антикорупционерот тргнал на службен пат во странство.

Ненаменски буџетски средства се користеле и по основ на поголема искажана километража, односно членовите на Антикорупциска кои не живеат во Скопје покажувале повеќе километри за да стигнат до Скопје и притоа добивале повеќе пари за трошоци. Член на комисијата за секое одење на релација Гостивар-Скопје-Гостивар прикажувал 16 километри повеќе во еден правец.

Во извештајот е наведено дека се покажувале и повеќе километри за одење и враќање од Скопскиот аеродром и по тој основ биле исплатени 24.259 денари.

Ревизорот на Антикорупциската комисија ѝ препорачува да се воведе евиденција за присуство на членовите за полно работно време, да се преземат соодветни мерки за корекција на ненаменски искористените буџетски средства за трошоци за користење сопствено возило. Се препорачува ДКСК да достави барање до Собранието за толкување на одлуката со која на антикорупционерите им се исплаќаат патни трошоци, како и да се преземат соодветни мерки за ненаменски искористените буџетски средства по основ поголема искажана километража.

извор: sdk.mk